Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ, го освои првиот трофеј оваа сезона со победата над Стефанос Циципас на турнирот во Рим. За него последниот настан пред стартот на грен слем турнирот Ролан Гарос, беше одлична можност за тестирање на формата. Србинот порача дека е задоволен од прикажаната игра и дека се чувствува подготвен да ја брани титулата во Париз.

-Не би можел да побарам подобра подготовка за Ролан Гарос. На Србија опен успеав физички да напредувам. Подоцна во Мадрид имав подобри настапи, иако не бев успешен во решавачките моменти. И тука во Рим успеав да ги вклопам сите парчиња. Одам во Париз со самодоверба и добри чувства за шансите што ги имам таму“, порача победникот во „вечниот град“.

Потоа првиот светски рекет зборуваше за ривалството со Шпанецот Рафаел Надал, кој останува прв фаворит за титулата на Ролан Гарос.

-Надал е мојот најголем ривал на сите времиња. Се додека тој продолжува да игра, ќе играм и јас, рече Ѓоковиќ.

Вториот грен слем турнир почнува на 22 мај, а ќе заврши со машкото финале на 5 јуни.