Ќе засвират живи свирки во кафеаните, но нема музика на увце!

Со измена на протоколот се дозволува живи свирки на музичарите во угостителски објекти на посебно издвоено место и на растојание од два метра од најблиските маси во сите правци. Согласно оваа нова точка, забрането е рашетување на музичарите за време на настапот по гостите и во угостителскиот објект. Тие заедно со угостителите имаат обврска на секој настап да ја држат под контрола ситуацијата со гостите и да не дозволат во ниеден момент да дојде до појава на неконтролирана ситуација.

465

Се очекува Комисијата за заразни болести да ја укине забраната за живи свирки во кафулињата и рестораните. За таа цел договорено е измена на протоколот во кој ќе стои дека се дозволува музички настап на музичарите во угостителски објекти на посебно издвоено место и на растојание од два метра од најблиските маси во сите правци. Согласно оваа нова точка, забрането е рашетување на музичарите за време на настапот по гостите и во угостителскиот објект. Тие заедно со угостителите имаат обврска на секој настап да ја држат под контрола ситуацијата со гостите и да не дозволат во ниеден момент да дојде до појава на неконтролирана ситуација.

Со промената на оваа точка им се овозможува на угостителските објекти да ги поддржат музичарите да имаат свои настапи согласно протоколите за работа во угостителски објекти при што имаат обврска заедно со гостите максимално да ги почитуваат и применуваат важечките протоколи за заштита на јавното здравје.

-Очекуваме позитивен одговор од Комисијата за заразни болести бидејќи пет месеци не остваруваме никаков приход. Ние сме професионални музичари и ова ни е единствен извор на егзистенција. Подготвени сме да свириме и без бакшиш само да ни дозволат да настапуваме. Се надеваме дека ќе се дозволи и организирање на свадби и други прослави, бидејќи во државата има околу 25 илјади музичари кој чекаат да бидат ангажирани, вели Даниел Максимов, дипломиран музичар кој настапува на живи свирки во кафеани.

Музичарите се надеваат дека Комисијата ќе даде зелено светло и за протоколот за свадби и прослави и да можат сите да бидат ангажирани и да си ја извршуваат својата работа. Тие во целост ќе го поддржат Државниот пазарен инспекторат да ги казни сите што не се придржуваат до препораките и протоколите за работа во случај на настап во угостителски објекти за да не се етикетираат еднакво сите останати кои максимално вложуваат во реализацијата на овие настапи организирани и одржани согласно новите важечки протоколи.

Со протоколот за организирање на свадби и прослави кој угостителите го доставија до Комисијата за заразни болести се забранува играње на подиум, движење на музичарите по масите и соодветно растојание меѓу масите и столчињата. Според угостителите, со овие ограничувања гостите ќе бидат целосно безбедни, а доколку не им се дозволи ќе бидат принудени целосно да го затворат бизнисот.

-Туристичко-угостителската комора уште на почеток на јули изготви предлог-протоколи со кои се предвидува работа во контролирани услови. И, иако тие предлози беа оценети како прифатливи во Комисијата, сѐ уште не се донесени. Безбедносниот аспект мора да биде максимално запазен согласно протоколите за работа. Во спротивно, како и досега, ќе се соочуваме со приватно, во сопствена режија, организирање прослави без соодветни безбедносни протоколи, велат од Туристичко-угостителска комора при ССК.

Во следните денови се очекува Комисијата да донесе одлука дали ќе дозволи организирање на свадби и други прослави. Пред извесно време беше дозволено да се прават концерти, но со ограничен број на луѓе, со задолжително носење на заштитна маска и онлјан продажба на карти.

(А.С.)