Комисијата за употреба на имињата утре ќе треба да даде мислење дали името на бугарскиот цар Борис Трети може да се користи како назив на здружение. Потоа врз основа на тоа ќе следува конечната одлука на министерот за правда Кренар Лога дали бугарскиот клуб во Охрид ќе биде избришан од листата на здруженија. Од Централниот регистар го информираа Министерството за правда дека од здружението „Цар Борис Трети“, и покрај најавите, не доставиле дополнителни документи со кои ќе се усогласи со измените на Законот за здруженија и фондации.

Министерот за правда Лога денеска ја најави средбата на комисијата откако беа исцрпени сите можности за усогласување на бугарското здружение од Охрид со македонските закони.

– Комисијата ќе донесе мислење за името на охридското здружение, по што јас ќе донесам соодветно решение, согласно со законот. Процедурата е иста како минатиот пат – посочи министерот за правда Лога.

Целата постапка со „Цар Борис Трети“ се продолжи поради најавите од бугарското здружение од Охрид дека се подготвува да направи измени за усогласување со законските измени за здруженија. Првин здружението, во февруари, пред истекот на рокот за усогласување, поднело барање на еден лист, без комплетни документи, до Централниот регистар, од каде што се посомневаа дека ова е само обид за да се купи дополнително време. Потоа, кога Комисијата за употребата на имиња, на истекот од рокот, на 16 февруари, заседаваше, од здружението уште еднаш најавија дека ќе поднесат докумети за усогласување, но и тогаш не го исполнија  ветувањето. Токму затоа тогаш Комисијата не одлучуваше за „Цар Борис Трети“, туку само за бугарското здружение „Иван Михајлов“ од Битола, за кое донесе негативно мислење за употреба на името. Врз основа на ова мислење на комисијата, министерот Лога донесе решение дека здружението „Иван Михајлов“ не е усогласено со Законот за здруженија и фондации. Потоа Централниот регистар, врз основа на решенето на министерот, по службена должност го избриша битолското здружение.

Бришењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ – Битола од Централниот регистар, како и информацијата од Централниот регистар дека клубот „Цар Борис трети“ од Охрид го загубил правото да се пререгистрира, наиде на бурни реакции во Софија. Бугарија ја оцени одлуката како израз на паника и немоќ, а бугарското МНР најави дека за ова ќе бидат информирани Европската комисија и сите партнери во ЕУ.

Очекувана е реакцијата на бугарските институции и медиуми, но и изоставањето на фактот дека еднаквите права и слободи за сите граѓани што Бугарија ги бара во Македонија, не ги дозволува на своја територија. Овој заклучок е наведен и во последниот извештај на американскиот Стејт департмент(СД) за Бугарија, во делот „Човекови права – слобода на здружување“.

(И.С.)