Ќе дремам на резервната клупа и ќе си добивам плата

139

Италијанскиот весник „Ла Република“ ја пласираше и информацијата дека аргентинскиот интернационалец Мауро Икарди им открил на своите пријатели дека од инает ќе седи на резервната клупа и ќе ја чека својата плата, но нема да си замине од редовите на калчо гигантот Интер.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, новиот предводник на „нероазурите“, Антонио Конте, веќе ги информирал клупските челници дека нема потреба од услугите на Икарди и даде зелено светло за негова продажба.

Факт е дека Аргентинецот има многу заработено од бракот со атрактивната блондинка Ванда Нара, која е и негов агент, но поради таквиот однос, Икарди важи за непосакуван фудбалер кога е во прашање пазарот на играчи.

Веднаш по првиот тренинг но новата сезона, Конте го информирал Икарди дека не е задоволен од неговата физичка подготвеност и му нареди дека мора да тренира под посебен режим и го отстрани од првиот тим. Италијанските медиуми открија дека поранешниот капитен на „нероазурите“ нема да биде дел ниту од турнејата во Кина.

Како што тврди „Ла Република“, Аргентинецот збеснал после состанокот со Конте и одлучил дека нема да си замине од „Џузепе Меаца„ до 2021 година, кога и му завршува договорот.

  • Баш ми е гајле. Тука ќе останам, ќе седам на резервната клупа две години и ќе си добивам плата, гласела пораката на Икарди која ја испратил до најверните пријатели.

И покрај таквиот став на искусниот напаѓач, фудбалските медиуми се убедени дека Икарди ќе биде продаден за време на летниот преоден рок и тоа за околу 70 мил. евра, а најголем интерес за неговите услуги покажаа челниците на Јувентус.