Ќе дозволат ли пратениците пак да се вози на црвена нафта?

70

Собранието е во трка со времето да не дозволи враќање на старата, пониска цена на екстра лесното масло за домаќинства која сè до лани беше причина за негова злоупотреба како гориво во возилата, пред сè во камионите.
Уредбата со законска сила со која акцизата на ова гориво попознато како црвена нафта се изедначува со онаа на дизелот и со тоа се зголемува неговата цена истекува во петок, на 22 овој месец.

Предлогот за измени на Законот за акцизи со кои треба да се обезбеди континуитет на Уредбата е ставен на дневен ред за донесување по скратена постапка на 30-тата седница на Собранието, планирана за понеделник, 18 овој месец. Знаејќи со кое темпо работи Собранието, можно е да се создаде вакуум во примената на повисока акциза за црвената нафта и нејзино повторно користење како погонско гориво, со што освен што се оштетува државниот буџет, значително се загадува и животната средина.

Во Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите Владата наведува дека се врши усогласување со одредени одредби од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба со цел да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи.
-Истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот кој овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, пишува во образложението.

Со предложените законски измени, сепак, се дозволува ова гориво да се користи по пониска цена во домаќинствата и фабричките погони, преку принципот на поврат на платената акциза.

-Лицата кои обележаното гасно масло наменето за греење го употребиле за греење во домаќинствата, како и лицата кои го употребиле како гориво за греење во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, имаат право на враќање на дел од платената акциза во висина од 6 денари за литар. За остварување на правото на враќање на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење, лицата од ставот (1) на овој член треба да се евидентираат како корисници на обележано гасно масло наменето за греење во Евиденцијата на корисници на обележано гасно масло наменето за греење која ја води Царинската управа и да добијат идентификациски број, стои во предлогот за измени и дополнувања на Законот за акцизи.

Зголемување на акцизата на црвената нафта иницираше Стопанската комора со образложение дека некоитранспортери ја користат како гориво. Ова наиде на поддршка и кај Регулаторната комисија за енергетика, која сега смета дека повторно ќе се отвори можноста за малверзации со овој вид гориво, ако пратениците навреме не си ја завршат работата.
Уредбата за изедначување на акцизата е донесена во април, па пресметките на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека потрошувачката на екстра лесното гориво за 11 месеци годинава е за 14 проценти помала од потрошувачката лани, додека во вториот дел од годината намалувањето на потрошувачката е меѓу 35 и 40 проценти.

(С.В.)