ИНТЕРВЈУ СО В.Д. ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „ЛАЈКА“, ВОЈИСЛАВ ДИМИТРОВСКИ: Ќе го спречиме приливот на нови бездомни кучиња

492

– Главната цел ни е контрола на бездомните кучиња на територијата на Град Скопје, со што ќе ги гарантираме здравствената заштита и јавната безбедност на населението, а со тоа ќе го спречиме приливот на нови кучиња по градските улици – вели директорот на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски, за весникот ВЕЧЕР

Контролата на популацијата на бездомните кучиња првенствено се постигнува со стерилизација/кастрација, вакцинација, обележување со ушни маркици и повторно враќање на матичната локација каде што биле заловени, смета в.д. директорот на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски, кој за весникот ВЕЧЕР зборува за воведувањето новитети во работењето и настојувањето да се постигне контрола на популацијата на бездомните кучиња

Почнавте со воведување неделен извештај за тоа колку кучиња се заловени, колку се вдомени, колку се евтаназирани, колку се стерилизирани, кастрирани, итн. Уште какви други новини планирате да воведете во работењето на ова јавно претпријатие?

– Воведувањето на неделниот извештај го сторивме бидејќи сакаме да бидеме транспаренти во јавноста и да ги информираме граѓаните на неделно ниво за нашите активности. Секако дека планираме новитети во работењето, во насока на вклучување волонтери во секојдневната работа на претпријатието, воспоставување дежурна служба за заловување кучиња во случај на инцидент. Ќе го водиме претпријатието во насока на активно спроведување зелена политика и заштита на околната средина, како и заштеда на ресурси.

Планираме и активности за зголемување на јавната свест на граѓаните за одговорно сопствеништво, со крајна цел да се запре изворот на бездомни кучиња кои доаѓаат од домашните кучиња. Сепак, главната цел ни е контрола на бездомните кучиња на територијата на Град Скопје, со што ќе ги гарантираме здравствената заштита и јавната безбедност на населението, а со тоа ќе го спречиме приливот на нови кучиња по градските улици.

Кое е Вашето основно мото за намалување на бројот на бездомните животни?

– Контролата на популацијата на бездомните кучиња првенствено се постигнува со стерилизација/кастрација, вакцинација, обележување со ушни маркици и повторно враќање на матичната локација каде што биле заловени. Секако, сакаме и целиме кон тоа да му најдеме на секое куче топол дом, и засега добро ни оди. Декември ни беше рекорден месец во однос на вдомувањето на кучиња. Беа вдомени 45 кучиња од ЈП „Лајка“, што претставува 25 проценти од вкупно вдомените од почетокот на функционирањето на претпријатието во 2020 година. Секако, овие вдомувања беа реализирани и во соработка и со несебична помош од здруженијата и активистите за заштита на животните и граѓаните на цела Македонија. Успешно го спроведуваме процесот на вдомување бездомни кучиња и многу ми е мило што со тоа ја подигнуваме свеста кај граѓаните за одговорно сопственишто.

Имате ли бројка колку бездомни животни сега има низ улиците на Скопје, а колку во моментов се наоѓаат во стационарот на „Лајка“? 

– Според броењето на Факултетот за ветеринарна медицина Скопје, во градот, за 2021 година, се изброени околу 1.800 бездомни кучиња. При користењето на оваа методологија, статистички не се вметнати домашните миленици, што нè води до заклучокот дека бројката е поголема од утврдената од Факултетот за ветеринарна медицина. Здруженијата располагаат со бројка од 6.000 до 8.000 единки, според статистичка методологија за броење бездомни кучиња. Според мене, бројката е некаде на половина. За 2022 година имаме проектирано дека со хуман третман ќе бидат третирани 2.500 единки, со што сметаме дека на ваков начин би биле третирани барем 75 проценти од популацијата на бездомни кучиња во рамките на градот, што е основа за контролирање на проблемот со бездомните кучиња во иднина.

Нашиот стационар е секојдневно исполнет, динамична ни е работата. Едно куче се заловува, друго или се вдомува или се враќа на матичната локација, каде што било првично заловено, но бројката на кучиња кои се секојдневно во ЈП „Лајка“ од 180 во декември 2021 година ја намаливме на 120, при што ниту едно не е евтаназирано.

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара итен инспекциски надзор на ЈП „Лајка“ и констатирање на фактичката состојба, ревизија на сите продуцирани документи кои се однесуваат на работата на претпријатието во време на мандатот на директорката Тина Петрушевска, на годишните програми и проверка на точноста на годишните извештаи за работа. Тие сметаат дека таа лажирала провала во стационарот, со цел да исчезнат документи од работењето на јавното претпријатие „Лајка“ за, како што велат, да се скријат податоците за евтаназираните кучиња. Кој е Вашиот став околу ова?

– Јавното претпријатие „Лајка“ работи транспарентно и е отворено за јавноста во однос на сите активности што се спроведуваат во негови рамки. Во изминатиот период, по иницијатива на здруженијата за заштита на животните, имавме инспекциски надзор од Агенцијата за храна и ветеринарство, при што се утврдија определени неправилности во работењето од изминатиот период, по кои постапуваме во моментот. Исто така, по иницијатива на Управниот одбор на претпријатиетo беше спроведена ревизија од Секторoт за внатрешна ревизија на Град Скопје, која, исто така, посочи на определени нерегуларности во работењето, по кои постапуваме и работиме во моментот, за да не се повторат во иднина. Во однос на процесот на евтаназија на кучиња, во ЈП „Лајка“ се води евиденција за секое евтанизирано куче и постојат записи за причината и под кои услови е евтанизирано тоа. Доколку утврдиме определени нерегуларности во однос на оваа процедура, со сигурност ќе пријавиме кај надлежните органи. Причините и мотивот за полицискиот надзор во ЈП „Лајка“, за мене, се непознати. Не би можел да избрзувам со заклучоци во однос на ова.

Дали во Програмата на ЈП „Лајка“ се остава можност, освен третман и задржување на бездомни кучиња, да се задржуваат и загубени, односно оставени коњи, бидејќи сме сведоци дека секојдневно можат да се видат на градските јавни површини без сопственици и доколку е наведено, може ли да ни ја објасните постапката?

– Да, за жал, континуирано сведочиме за такви немили настани, но нашиот стационар е исклучиво наменет за бездомни кучиња на територијата на Град Скопје. Сконцентрирани сме на хуманиот третман на животните, односно на спроведување на активноста „Залови, стерилизирај, вакцинирај врати“, со цел да се намали популацијата на уличните кучиња, бидејќи оваа активност е единствената ефикасна стратегија што е востановена и од Светската здравствена организација (СЗО) до која ние се придржуваме. Исто така, ЈП „Лајка“ подготвува и ќе учествува во активности во однос на зголемување на јавната свест за одговорното сопствеништво на домашни животни кои ќе бидат во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и со Зоолошката градина. За благосостојбата на коњите е задолжена Агенцијата за храна и ветеринарство, која во минатото реализира кампања за подобрување на состојбата на коњите во државата, и се надевам и во иднина ќе се посвети на овој голем проблем од гледна точка на благосостојбата кај животните.

 Задржан ли е досега некој коњ во стационарот и што мислите за нивното присуство во урбаните средини?

– Од вработените добив информација дека со претходното раководство е задржан еден коњ, кому, според условите во прифатилиштето, местото не му е во ЈП „Лајка“. Потребно е добро осмислен проект, кој ќе биде наменет само за коњи и нивни третман.

Анела Петрова