Комбинирањето дрога и бокс не е баш како комбинација создадена во рајот, но поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Американецот Мајк Тајсон, има поинакво мислење. Тој рече дека жали што не обрнал повеќе внимание на пушењето марихуана за време на својата боксерска кариера. Наместо тоа, шмркал кокаин.

Железниот Мајк изгради империја со марихуаната откако се пензионираше, но, како што вели, жали што не „дувал“ за време на своите боксерски денови.

– Требаше да пушам марихуана додека боксував. Ќе бев подобар боксер. Еднаш се изнапушив канабис и бев надуван, па му ги скршив ребрата, окото и грбот на еден дечко – откри Тајсон и додаде:

– Јас сум наркоман, роден наркоман. Во текот на мојата кариера најмногу користев кокаин. Воопшто не бев и не сум урамнотежена личност. Би можел да се убијам кога ќе се издрогирам.

Мајк (55) еднаш завршил во затвор затоа што бил фатен како вози под дејство на наркотици. Тој без двоумење, отворено зборува за врската со дрогата, а во една пригода изјави дека првпат пробал кокаин на 11 години.

Легендарниот Американец важи за еден од најдобрите боксери на сите времиња, двапати беше шампион во тешка категорија и забележа 50 победи во кариерата.