„Њујорк тајмс“ го објави тајниот план на американскиот претседател Доналд Трамп при евентуална ескалација што би довела до судир со Иран.

Според весникот, на минатонеделниот состанок со советникот за безбедност на Белата куќа Џон Болтон и со в.д. министерот за одбрана Патрик Шанахан, бил претставен нов воен план, според кој е предвидено испраќање на 120.000 американски војници на Блискиот Исток.

Таквото сценарио е предвидено доколку Иран ги нападне американските сили или го забрза создавањето на нуклеарно оружје.

„Њујорк тајмс“ наведува дека ревизија на планот наредиле припадниците на тврдата линија на американската администрација, предводени од Болтон.

Таквиот развој на настаните укажува на тоа колкаво е влијанието на Болтон, кој според „Њујорк тајмс“ е еден од најопасните „јастреби“ кога станува збор за Иран.

„Њујорк тајмс“ истакнува дека воопшто не може да се насети дали Трамп, кој инсистираше на повлекување на САД од Авганистан и од Сирија, на крај ќе ги испрати американски трупи назад на Блискиот Исток.

– Иран и САД би можеле и случајно да предизвикаат конфликт во и онака нестабилниот Залив, предупреди од Брисел британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант, додека течеа разговорите меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и највисоките официјални претставници на ЕУ.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го изолира Техеран и да му го оневозможи извозот на нафта, откако се повлече од иранскиот нуклеарен договор. Трамп, исто така, го зајакна военото присуство во Заливот за да изврши притисок врз Иран.

Додека Европската унија ја дели загриженоста на САД за Иран, вклучувајќи го и неговото учество во сирискиот конфликт, таа се уште го поддржува нуклеарниот договор, наведувајќи дека тоа е во интерес за безбедноста на Европа.