„Њујорк тајмс“: Ако мерките беа воведени на 1 март, би имало 54.000 помалку смртни случаи во САД

23

Ако мерките против ширењето на пандемијата на коронавирусот беа воведени во САД една недела или две порано, бројот на смртните случаи ќе беше помал за 54.000, според студија од универзитетот Колумбија, објави Њујорк Тајмс.

Ако САД донесоа одлука за воведување мерки на социјална оддалеченост една недела порано отколку што беше сторено, во почетокот на март, а не во средината на март, 36.000 помалку Американци би биле жртви на вирусот, според студијата.

„Тоа е речиси третина од 95.000 смртни случаи од коронавирусот досега во САД. Ако мерките се воведоа две недели порано, од 1 март – бројот на смртни случаи би бил 54.000 помалку”, велат експертите од универзитетот Колумбија. Американските медиуми објавија дека денеска речиси 1,6 милиони луѓе се заразени во САД.

Весникот потсетува дека на последниот ден во февруари, многу експерти за јавно здравје упатувале предупредувања за вирусот, но дека „некои не сакале да слушаат“.

Во Сан Франциско, веќе тогаш работодавците, наводно, почнале да бараат вработените да работат од дома. Државата Вашингтон, во која е регистриран првиот случај на коронавирус во САД, прогласи вонредна состојба. Јужна Кореја, Виетнам и други земји наредија агресивни мерки, но претседателот Трамп тоа не го стори, наведува Њујорк Тајмс.

„Тој рече на 26 февруари, што беше неточно, дека бројот на случаи значително се намалува, а не дека се зголемува. Тој веќе вети на 10 март – ќе помине. Само да бидеме смирени. Ќе исчезне. Некои локални лидери исто така продоложија да поттикнуваат вообичаено работење.  На почетокот на март, градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, им рече на њујорчаните да го напуштат градот и покрај коронавирусот“, објави Њујорк Тајмс.

Тој вид на совети се чини дека чини десетици илјади американски животи, според новите анализи на истражувачите од универзитетот Колумбија.

Џефри Шанман, шеф на истражувачкиот тим на универзитетот Колумбија, за Њујорк Тајмс изјави дека тие неколку недели биле голема, голема разлика.

„Тоа кратко време во нормални услови беше клучно за вирусот во неговата фаза на ширење и е неверојатно клучно за намалување на бројот на смртни случаи“, тврди Шанман.

Извор: МИА