Љубљана, Загреб, па Скопје-Данела е трета најплатена градоначалничка во регионот

145

Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, бидејќи нивните месечни примања ни оддалеку не можат да ги стигнат секојдневните покачувања на цените, а информацијата за просечната месечна потрошувачка кошничка е мислена именка за најголемиот број Македонци, народните избраници и функционери немаат такви маки. Напротив, по одлуката на Уставниот суд за укинување на замрзнатата основица и покачувањето на платите за 78 отсто, стигна нова информација дека скопската градоначалничка Данела Арсовска со моментална плата од 2.036 евра е третата најплатена градоначалничка во регионот. Иако по стандард никако не можеме да се токмиме со граѓаните на Словенија и на Хрватска, сепак, по платите на градоначалниците сме рамо до рамо со Љубљана и со Загреб! Имено, на првото место по плата е љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ, кој не сметајќи го додатокот за стаж, секој месец зема по 2.696 евра. По него е градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој заработува 2.318 евра месечно. Со моментална плата од 2.036 евра, која се утврдува со множење на висината на просечната плата на ниво на републиката со коефициент 3,70, Арсовска е на третото место.

Според истражувањето на регионалната телевизија „Н1“, просечната плата на градоначалниците на десетте најголеми градови во Словенија е 2.555 евра, во Хрватска е нешто помала и изнесува 2.422 евра, додека просечната во Босна и Херцеговина е 1.934 евра. Градоначалниците на најголемите градови во Србија имаат најниска просечна плата на територијата на поранешна СФРЈ – 1.092 евра. За жал, во истражувањето недостигаат платите на уште десетмина градоначалници од Македонија и од Црна Гора.

Апсолутен рекордер по заработка во земјите од поранешна СФРЈ е градоначалникот на Бјелина, Љубиша Петровиќ, чија месечна плата е 3.305 евра. По него е најплатениот градоначалник во Хрватска – првиот човек на Задар, Бранко Дукиќ, кој заработува 3.026 евра месечно, додека примањата на другите градоначалници на најголемите градови во регионот се под 3.000 евра.

Месечната плата на градоначалничката на Подгорица, Оливера Ињац, е 1.562 евра, а, пак, „мајката“ на Сараево, Бенјамина Кариќ, заработува 1.510 евра месечно без надоместоци, додека најниска плата, во споредба со другите градоначалници на поголемите градови во регионот, има првиот човек на Белград, Александар Шапиќ – 1.399 евра.

Кога ќе се споредат платите на челниците на најголемите градови, по десетмина од наведените земји, најниска плата има градоначалникот на Панчево, Александар Стевановиќ, кој инкасира 910 евра месечно.

Градоначалникот на Бихаќ, Елведин Седиќ, има најниска плата во Босна и Херцеговина, а за тоа може да му се „заблагодари“ на својот претходник Шухрет Фазлиќ, кој донесе одлука да му ја намали платата од 2.287 евра на 1.271 евро.

Во Словенија, најниска плата има градоначалникот на Камник, Матеја Слапар – 2.267 евра, а во Хрватска тоа е првиот човек на Риека, Марко Филиповиќ, кој заработува „само“ 1.995 евра месечно.