Љубомир Јованоски, КАРА – СЕИРЏИЈА: Магија

150

Богојавление, виулица. Му личи. Господин Трагичарески беше на крајот од силите. Зад него, завивање на полициски сирени. Папса. Го прегрна уличниот столб со двете раце и се спушти на снегот. Ги затвори очите и воздивна. Кога ги отвори, погледот му се закова во ореолот околу уличната светилка. Здогледа величествен кристален сплав. На него златен престол. Блескаше од скапоцености. Во него седеше човек со долга бела коса и со сериозен израз на лицето. Носеше долга бела брада. До него, лежерно потпрен на крмата, стоеше ангел во платинеста наметка. Ова беше далеку од здравиот разум.

– Да не поверуваш – беше гласен, – Никогаш не би помислил дека рајот може да се симне долу на земјата. Но ноќта е таква и магијата веројатно живее. Со кого имам чест, господа?

– Ме викаат Големиот Мајстор – силен баритон ја разнебити тишината на ноќта. – Службено, судија. Ова до мене е мојот ангел Фануило. Тој е тука за да ме исправи ако направам грешка.

– Мојата почит, добар Фануило.

– Ваша почит, моја радост – ангелот се поклони. Имаше питом глас.

– Веројатно ме обвинувате за грст лекови што вечерва ги украдов за здравјето на моето тешко болно синче? – се зачуди Баксуз Трагичарески. – Едноставно, немав пари да ги купам. Ме осиромаши мојот разум.

– Ваму со неговото досие, драг мој Фануило – во рацете на седокосиот се најде црна папка – Во него се и обвинението и пресудата. Обвинението во ниту еден случај не се однесува на вечерашниот грабеж на лекови. По налог на Светото Тројство, поведена е судска постапка против работ божји, Баксуз Трагичарески заради гревот и неправдата што си ја нанел самиот на себе и на своето потесно семејство. Во нашето свето правосудство ова се смета за тежок злостор. Обвинетиот нема право на жалба!

– Ама ви се молам, ова не е во ред! Јас дури и не сум уредно поканет на процес на кој би се докажала мојата вина. И впрочем, мене може да ми суди само мојот Творец и никој друг!
Големиот Мајстор се намурти и згрме:

– Што мислиш, зарем ова не е судски процес? Зарем во нас не препознаваш емисари на Творецот? Сега ќе ги слушнеш сите детали од обвинението. Значи, вака. Привилегирано надарен, не успеа да се наметнеш. Тоа значи дека во овој случај, меѓу другото, обвинет си за претерана скромност, Трагичарески.

– За скромност? Од кога скромноста е грев, почитуван судија?

– Во светот во кој што живееш, малкумина го почитуваат системот на вредности пропишан од страна на вашиот Творец. Во годините на твојата младост, во тебе сосема исчезна натпреварувачкиот жар. Со многу скромни знаења но исклучително енергични и дрско амбициозни, минуваа покрај тебе медиокритети заземајќи места за кои не беа достојни. Се служеа со методи кои ги погребаа вистинските вредности. Без милост газеа преку човечки трупови за да останат на врвот. Но тоа не беше нивна вина. Ги водеше инстинктот за опстанок. На тој начин, секојдневието се претвори во мачнина. Правило на рамнотежа, нели?

– Внимавајте добро, почитуван судија – господинот Трагичаревски не можеше да премолчи.- Сметав дека поимот амбиција (лудило – латин.), е само императив за лично истакнување. Во мојата филозофија таа е деструктивна и не е здрава посебно кога ги надминува можностите на личноста. Не ми се верува дека Творецот е тој што направил со светот да господарат агресија, дрскост, суета и бедна состојба на духот?

– Не е умно да ме прекинуваш – го искара Големиот Мајстор.

– Ве молам, имам право да се бранам. Оставете ме да си ја отворам душава барем еднаш во животот. Ми зборуваа дека сум интелект за почит но јас настојував да бидам обичен, свој. Мислев со сопствена глава и не ја почитував филозофијата на толпата. Ми беше потребна огромна енергија да се прилагодувам, да не стрчам. Тешко е да се биде шут меѓу рогати, да се размислува и да се дејствува наспроти волјата на водачите на лудилото.

– Но ти не веруваше ни во Господ, Трагичарески и ја негираше верата!

– Не е точно, почитуван судија! Верував во сила ама не бев суеверен. Навистина, јас не бев верник како останатите.

Искрено се придржував кон десетте божји заповеди. Верував во чест и чесност, во правда и чувството за вистина. Впрочем, сметам дека грешката е кај Творецот. Тој ме створи ваков и ме исправи пред толпата. Зошто морав против матицата на гневната река која носеше се пред себе? А тие, лажните верници, правеа се за да остават впечаток дека го почитуваат Господ за да си ги оплакнат гревовите. Себе си се сметаа за земни богови, а беа грешници. Точно е дека се жртвував за принципи и идеали, точно е дека го жртвував и моето семејство иако се беше попусто. Најпосле, се предадов. Силата ме обори на коленици. Морав да и се покорам. И покрај молбите упатени кон Небото, мојата сопруга почина. Сега моето синче е на умирање. Тоа ме докрајчи. Творецот сакаше да биде така. Капак на се, не можев да се прилагодам. Проклет диносаур! И така, останав на улица. Имав пријатели кои се обидоа да ми помогнат но тие не можеа да ми ја излечат болната душа. Вечерва е Богојавление. Се опив и украдов. Да, така е. Украдов лекови потребни за моето болно дете. Ги оставив на прагот и побегнав. Се срамев од самиот себе. Бегството ми беше залудно.

– Ти ме повика во мислите, а јас тебе на овој процес – рече Големиот Мајстор. – Беше потребно да ја слушнеш пресудата.

– Освен тоа, го понуди својот живот за животот на твоето синче за да си ја исчистиш душата, нели?

– Така е… но од каде го знаете тоа?…

– Секако дека знам бидејќи пред тебе стои лично твојот Творец и создателот на овој свет. Ти ми беше потребен како пример за совршеност и како совест на човештвото. Не сум задоволен од мојата творба бидејќи не успеав да створам критична маса која би ги застапувала свеста и совеста. Бевте малкумина. Но јас сум убеден дека ти не беше залудна жртва. Врз основа на досегашното искуство, се надевам дека од моите идни експерименти ќе произлезе нов систем на вредности кој ќе го менува светот кон подобро. Ти ќе станеш светец оти го заслужи тоа. Имаше доблест да ми се спротивставиш бидејќи размислуваше со своја глава. Твојот разум по правило беше на повисоко ниво од она што јас ти го понудив. Таму на прагот од вашиот дом, оставено е пакетче во кое има здравје, радост и среќа за малиот Трагичарески. Тој ќе биде нашата нова надеж.

Во моментот кога Трагичарески посака да се заблагодари за добрата волја, неговата душа отпатува кон височините.

*

– А јас си мислев дека господарите со состојбата, премудар Творецу – ангелот Фануило со чудење гледаше во старецот. – Донесената пресуда се разликува од онаа во вашите раце. Зашто?

– Ни јас не сум совршен, синко – старецот ги рашири рацете и намигна. – Не е лесно да се контролира светот што го створив. Морав да пресудам за да ја расчистам оваа мешаница во која и самиот заглавив. Впрочем, на овој маченик со сите атрибути на човек, не му беше лесно да го живее животот на Баксуз Трагичарески и јас го ослободив од страдањата. Придвижи го сплавот Фануило. Вечерва ќе се роди некој со многу харизма и топлина во душата.

Полицијата го пронајде господинот Трагичарески во прегратка со столбот од градското светло. Беше вкочанет и со блажена насмевка на усните. Магијата бараше жртва и тој го направи потребното. Таа волшебна ноќ, малиот

Трагичарески за прв пат по подолго време, ги крена капачињата од своите очиња и и подари една волшебна насмевка на својата бабичка. Надвор трупаше снег…

Гостивар 2019