„Љубовен автомобил“ – најдобар филм на „Киненова“

167

Германскиот филм „Љубовен автомобил“ по сценарио и режија на Елкe Маргарете Леренкраус е прогласен за најдобар филм во главната конкуренција на четвртиот фестивал за дебитантски филм „Киненова“.

Наградата за најдобра режија му е доделена на Бабис Макридис за грчкиот филм „Сожалување“, рускиот филм „Човекот кој ги изненади сите“ ја доби наградата за најдобро сценарио напишано од сопружниците Алексеј Чупов и Наталија Меркулова. Специјална награда за најдобра улога ѝ е доделена на актерката Снежана Богдановиќ за улогата во српскиот филм „Шевови“ на режисерот Милорад Терзиќ.

Тричлено жири во состав Витали Мански (претседател) и Јесин Устаоглу и Ана Хофман (членови) одлучи за наградите во главната програма во која се натпреваруваа седум филма. Во конкуренција на кратки филмови, наградата за најдобар меѓународен краток филм ја доби „Капетанот“, најдобар македонски краток филм е „Готлиб“, а специјална награда добија „Мојата сестра“ и „Змијулче“.

Фестивалската програма на „Киненова“ продолжува со програмата „Фокус на современата унгарска кинематографија“ во која до 13 октомври ќе бидат прикажани филмовите „За тело и душа“ и „Мојот 20 век“ по сценарио и режија на Илдико Ењеди, и „Нежен син: Проектот Франкештајн“ и „Јупитеровата месечина“ по сценарио и режија на Корнел Мундручо.