Љубанци без вода среде корона и на плус 40 степени

226

Осум дена жителите на Љубанци се без вода од селскиот водовод. Со шишиња и кофи полнат вода од двете селски чешми во селото, која е бактериолошки неисправна за пиење, но сепак се присилени да ја користат за полевање на цвеќињата и за одржување на хигиената. Екипа на весникот ВЕЧЕР беше во ова село и ги праша жителите како се снаоѓаат во услови на пеколни горештини со температури над 40 степени Целзиусови, а што е уште посериозно, кога сè уште владее пандемијата со коронавирусот. Велат дека водата им секнала во чешмите затоа што нивни соселани ја злоупотребуваат полевајќи ги нивите и бавчите.

Народниот правобранител смета дека недостиг на вода претставува прекршување на човековите права од причина што водата е општо добро и секој има право на пристап до неа. Оттаму отвориле предмет по сопствена иницијатива и сметаат дека општината Бутел е надлежна ова село да го приклучи на градскиот водоснабдителен систем

Осум дена жителите на Љубанци се без вода од селскиот водовод. Со шишиња и кофи полнат вода од двете селски чешми во селото, која е бактериолошки неисправна за пиење, но сепак се присилени да ја користат за полевање на цвеќињата и за одржување на хигиената.

Екипа на весникот ВЕЧЕР беше во ова село и ги праша жителите како се снаоѓаат во услови на пеколни горештини со температури над 40 степени Целзиусови, а што е уште посериозно, кога сè уште владее пандемијата со коронавирусот. Велат дека водата им секнала во чешмите затоа што нивни соселани ја злоупотребуваат полевајќи ги нивите и бавчите.

– Водата се злоупотребува, има селани кои ги наводнуваат своите ниви со систем капка по капка, па во лето кога има големи жештини, дотокот на вода се намалува, па ние останатите сме без вода. Луѓето треба да бидат свесни дека  водата во овој период треба да се троши совесно – вели жителка на селото Љубанци.

Друг жител, пак, вели дека за проблемот се обратиле до ЈП  „Водовод и канализација“ од каде што им било одговорено дека тоа што немаат вода не било по вина на претпријатието.

– Како може да плаќаме а да немаме вода. Мора да се најде решение. Во моментов се снаоѓаме како што знаеме и умееме. Имаме две селски чешми. Од нив полниме вода и потоа ја грееме за да се искапеме. Живееме во 21 век, а како да сме 10 века назад – вели Александар Кирковски.

Тој додаде дека за децата купуваат флаширана вода од маалската продавница. Немањето на вода им ги оштетува и бојлерите, особено оние постарите што немаат автоматско исклучување.

Кирковски раскажува дека водата во Љубанци не е од изворот Рашче, туку од планината Скопска Црна Гора и дека водоводот бил изграден од самите селани, но оти ЈП „Водовод и канализација“ пред седум години го зеле да го одржуваат. Тој решението го гледа само во приклучување кон градскиот водовод.

– Приклучокот на градската мрежа е на само километар и пол од селото. Иако градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, во својата програма на последните локални избори имаше наведено дека селото Љубанци ќе биде приклучено на градскиот водовод, тоа до сега не се случи – дециден е тој.

Љубанчани велат дека проблемот со немање вода во летниот период се провлекува 20 години. Тие се иритирани дека никој од надлежните, ниту локалната власт, ниту пак јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кое е надлежно да го одржува водоводот, досега не презеле ништо да им помогнат.

Градоначалникот Смилевски одби да одговори зошто до сега селото не е приклучено на градскиот водовод, иако тоа било наведено во неговата изборна програма, потенцирајќи дека општината Бутел не е таа што стопанисува со водоводот и нема никакви ингеренции околу тоа.

– Тие имаат договор со ЈП „Водовод и канализација“ и тие се надлежни во случајот. Тие наплаќаат сметки. Проблемот е во тоа што жителите на селото Љубанци си ги полеваат нивите, а згора на тоа и ги кршат водоводните цевки. Единствено што можеме е во селото да им донесеме цистерна со вода – потенцира Смилевски, без да одговори дали и кога ќе испрати.         

Тој додаде дека разговарал и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој ветил дека ќе ангажира екипи од ЈП „Водовод и канализација“ кои на лице место ќе видат како може да се реши проблемот.

Не добивме одговор од ЈП „Водовод и канализација“ на што се должи проблемот со недостигот на вода во ова село и дали и на кој начин ќе ја разрешат долгогодишната голгота со која се соочуваат жителите.

Народниот правобранител во врска со проблемот од недостиг на вода за пиење на жителите на селото Љубанци отвори предмет по сопствена иницијатива.

– Овој проблем се повторува со години, а жителите на ова село пред две години имаа поднесено претставка до Народниот правобранител по која тој постапуваше и од собраните докази констатираше дека Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ само управува со постоечкиот систем, додека обврската за трајно решавање на овој проблем е на општината. Особено ако се има предвид дека снабдувањето со вода претставува работа од јавен интерес од локално значење и е во надлежност исклучиво на локалната самоуправа – известија од кај Народниот правобранител.

Оттаму укажуваат дека нема сомнеж оти овој проблем, недостиг на вода, претставува прекршување на човековите права од причина што водата е општо добро и секој има право на пристап до неа.

– Во оваа насока, Народниот правобранител во рамките на своите надлежности упатува укажување до општината и до ЈП „Водовд и канализација“, до изнаоѓање на конечно решавање на овој проблем, под итно да најде начин (со помош на цистерни) да им овозможи на граѓаните пристап до вода во самото село, а не истите да бидат присилени да полнат вода од околните села – децидни се од кај Народниот правобранител.

Инаку, правото на секој граѓанин на питка вода, Словенија во 2019 година го стави во Уставот. Словенија водата ја прогласува за јавно добро под управа на државата и дека изворите на вода пред сè и трајно треба да служат за снабдување на населението со питка вода и вода за домаќинствата. Така, по Словачка и Словенија стана втора членка на ЕУ, која го стави правото на вода во Уставот.

(А.П. и С.Бл.) – Фото: П. Стојановски