Љиљана Петровиќ, менаџерка на трагично загинатиот пејач Тоше Проески: Да е тука, да се појави, да го гушнам онака сестрински, да се исплачам

1420

Доколку и би одбрала некоја песна која, според мене, ми е најубава од неговиот репертоар тоа е песната “Кад замирише трешња“. Но и таа песна не сум ја пуштила да ја слушнам, немам сила

16 октомври беше и остана најтежок ден во годината за секој оној Македонец, но и не само за Македонец туку за секој оној од Вардар па до Триглав кој е искрен почитувач на ликот и делото на македонската музичка легенда Тодор Тоше Проески. Токму на 16 октомври Тоше трагично загина во тешката сообраќајна несреќа (рано наутро во 6:20 часот) со што публиката ја зави во црно, ја остави во солзи, во тага, во спомените на него. На неговиот погреб во Крушево дојдоа најголемите пејачки ѕвезди, од Цеца Ражнатовиќ до Тони Цетински. Во тага е, и после 14 години, и неговата поранешна менаџерка Љиљана Петровиќ која со него беше во автомобилот, но по некоја случајност остана жива.

-Тагата не поминува, болката ми стои во градите, подобро тој ден и јас да загинев, немаше да останам вака несреќна, со некоја длабока празнина. Тешко ми е, но што можам, не можам за жал ништо да сменам, вели Љиља за (српските) медиуми.
Таа знае понекогаш на социјалните мрежи да објави по некоја фотографија од Тоше во знак на едно поминато време во кое не само што му беше менаџерка, туку и голема пријателка, другарка, а како мајка често го советуваше што му чини, а што не.
-Неговите слики се нешто друго, а што се однесува до неговите песни нив не можам да ги слушам поради големата болка која ја носам со себе. Доколку и би одбрала некоја песна која, според мене, ми е најубава од неговиот репертоар тоа е песната “Кад замирише трешња“. Но и таа песна не сум ја пуштила да ја слушнам, па сигурно повеќе од десетина години. Едноставно, не можам, немам сила. И да тргнам да ја пуштам, нешто ме пресекува.
Животот на Љиља или како што Тоше нагалено приватно ја ословуваше со прекарот Биберче, сосема е сменет откако веќе не се занимава со естрадата и менаџерството, откако од овој свет само физички замина Тоше.

-Во почетокот тешко ми беше да се вклопам во новата работа. Сите очекуваа дека ќе продолжам со естрадата, но јас самата знаев дека после Тоше ставив точка на таа професија, објаснува Љиља. Само малку им помогнав на некои пејачи, но тоа беше како една моја пријателска помош. Сосема се свртев кон природата која во тој момент ми беше единствен лек за мојата тажна, ранета душа. Почнав да одгледувам лаванда, во околината на Ниш, во што најдов спас. Лавандата е чудесно растение кое волшебно позитивно влијае на нервите, ве смирува, ви дава некоја нова енергија, ви дава сила да истраете, праќа добри вибрации. Затоа е едно од најомилените растенија на целиот Медитеран. Од работата со лаванда јас сега и живеам, заработувам, но во споредба со онаа заработка на естрадата, тоа е далеку од оние големи пари кои ги имав како менаџер на една таква ѕвезда. Сепак, задоволна сум бидејќи си го најдов својот душевен мир, после таа страшна трагедија.

Љиља, со пријателите и познаниците не зборува за Тоше, тоа и е премногу болно, спомените и се врежани некаде длабоко во срцето. – Ми недостасува многу, премногу и денес. Ми се случува да го сонувам, да се прашувам самата за себе: “Господе, зошто мене не ме зеде, зошто ме остави да тагувам?“ Само Тоше ми фали, не ми требаат ниту тие пари, ниту таа популарност, само тој да е тука. Да може од некаде да се појави, да го гушнам онака моќно, сестрински, да се исплачам, зашто имам тежина во душата, раскажа Љиља со солзни очи.

Да потсетиме дека Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 во Прилеп, меѓутоа животот од самото раѓање го поминува во Крушево за кое многумина сметаат дека му е родното место. Својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, пеејќи песна на својот мајчин влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на младинскиот „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и светот. Во 2004 ја претставуваше Македонија на “Евровизија“ во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Неговиот гала-концерт во белградската “Арена“ пред 15.000 луѓе ќе се памти и поради тоа што фановите заедно со него ги пееле песните на македонски јазик. Тоше објави седум албуми – неколку и во превод на хрватско-српски јазик. Последниот албум „Игри без граници“ беше промовиран во Скопје две недели пред неговата смрт.
(Д.М.) фото:ФБ,Јутјуб,Инстаграм,Твитер