Кошаркарите на Јута имаа неверојатна шутерска вечер во НБА-лигата, и со 28 тројки успеаја да го затрупаат обрачот на Шарлот за убедлива победа од 132:110. „Џезерите“ се лидери во НБА лигата, со 25 победи и шест порази, а тимот од Солт Лејк Сити има 20 победи на последните 22 натпревари.

Прашањето на победникот беше решено во последната четвртина која Јута ја доби со 41:20.

Џезерите на овој натпревар постигнаа 28 тројки од 55 обиди. Тие најбргу во НБА лигата стигнаа до бројката од 500 тројки во една сезона. Во 31 натпревар, Јута, ја минаа бројката од 500 тројки, што е нов рекорд.