Ниту една земја во свертот не ги понижила своите спортисти како што тоа години наназад го правеше Јужна Кореја. Имено, јужнокорејските натпреварувачки во брзо лизгање на кратки делници ќе патуваат на Олимпијадата во Пекинг со надеж дека ќе ги засенат скандалите што ги следеа со години и ќе донесат слава на земјата која едноставно е луда по овој револуционерен спорт.

Јужна Кореја е велесила во лизгање на кратки патеки и има освоено повеќе олимписки медали од која било друга нација – 48, вклучително и 24 златни – откако спортот беше вклучен во олимписката програма во 1992 година.

Но, нивната приказна има и темна страна, а лизгачите и тренерите од Игрите во Пјонгчанг во 2018 година ги следат бројни контроверзи и скандали. Случаи на сексуален напад и вознемирување, па дури и обвинувања за саботажа на трки.

Сценаријата околу овие скандали се одолговлекуваат до ден денес, непосредно пред почетокот на Игрите во Пекинг, бидејќи олимписките надежи на една ѕвезда во лизгање беа уништени само неколку недели пред нивниот почеток.

Имено, во вторникот, судот во Сеул ја отфрли последната жалба на Шим Сук Хи за поништување на двомесечната суспензија, поради што таа нема да може да присуствува на Зимските олимписки игри во Пекинг, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на правни извори.

Судот ја осуди Шим во декември, откако локалните медиуми дознаа за несоодветните зборови што таа ги упати кон својот тренер и колегите за време на Игрите во 2018 година. Шим е една од најуспешните лизгачки во Јужна Кореја со четири олимписки медали на кусите делници, вклучително и злато во штафетите во 2014 и 2018 година.

Имено, за вереме на Игрите во Пјонгчанг, таа во финалето ја сопна својата колешка од репрезентацијата, Чои Мин-Јеонг, која остана без медал, а потоа следуваа навредливи зборови. Истражителите првично заклучија дека Шим намерно ја саботирал Чои, наведувајќи дека нема соодветни докази за такво нешто. Набргу потоа, Чои јавно побара од Шим да престане да се обидува да се извини и да ја остави на мира, објавија медиумите.

Во 2019 година, Шим откри дека еден од нејзините тренери, Чо Џе-бе, сексуално ја злоставувал три години, почнувајќи од 17-годишна возраст. Тој беше обвинет минатата година и осуден на повеќе од 10 години затвор.

Деталите што ги откри Шим предизвикаа голем скандал во социјално-конзервативната Јужна Кореја, но наведоа и многу спортисти, кои преживеале слично насилство, да излезат пред јавноста.

Исто така, во 2019 година, еден лизгач беше суспендиран на еден месец, откако тајно влезе во женски студентски дом во Националниот центар за обука.

Следната година, олимпискиот шампион на 1.500 метри Лим Хју-џун беше осуден за сексуално вознемирување откако ги соблекол панталоните на друг спортист пред неколку репрезентативни колеги во тренинг-центарот.

Сепак, пресудата подоцна беше поништена во жалбената постапка, а Врховниот суд минатата година ова го окарактеризира како „шега меѓу колегите пред тренинг“.

Исто така, за време на игрите во Ванкувер во 2010 година, еден јужнокорејски навивач беше уапсен поради закана дека ќе ја разнесе австралиската амбасада во Сеул, изнервиран од одлуките на австралискиот судија Џејмс Хјуз.

Хјуз беше вклучен и во веројатно најпознатата од сите јужнокорејски контроверзи.

Имено, за време на Олимписките игри во 2002 година, американскиот лизгач Аполо Антон Оно победи во финалето на 1.500 метри, откако Јужнокореецот Ким Донг Сунг, кој прв стигна на целта, беше дисквалификуван.

Јужнокорејците тврдат дека Оно, кој додека се обидувал да го претекне Ким бурно протестирал, го измамил судијата и симулирал контакт.

После тоа, Оно стана „најомразениот спортист во Јужна Кореја“, според јужнокорејскиот весник, а една компанија наводно произведувала тоалетна хартија со неговиот лик.

Сè отиде дотаму во овој случај, што целиот американски тим се повлече од Светското првенство во Јужна Кореја во 2003 година поради смртната закана за Оно.

Неколку години подоцна, недоразбирањата беа решени, а Американецот го изрази своето воодушевување од посветеноста на Јужнокорејците кон овој спорт.

И покрај тешкиот период низ кој минуваат пред Зимските олимписки игри, јужнокорејските лизгачи имаат најголеми шанси за златото во Пекинг.