Јужниот дел ќе здивне, Скопје ќе се шири кон север

254

Скопје во наредните десет години ќе се развива во северниот дел од градот и тоа на големиот број неискористени слободни површини. На тој начин ќе се релаксира јужниот дел од градот од притисокот на претераната урбанизација што се случуваше изминативе децении.

Ова го изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов по потпишувањето на договорот меѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање со што и официјално започна процесот на подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје кој ќе ја даде просторната визија на метрополата за периодот од 2022 до 2032 година.

Во својата визија Шилегов Скопје го гледа како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина.

– Верувам дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното  користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот – нагласи Шилегов.

Претходниот ГУП на Град Скопје е усвоен 2012 година. Од тогаш до денес извршени се многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини. Како пример ја наведе јужната обиколница на градот која, според негово уверување е спротивна на принципите на заштита на животната средина, имајќи предвид дека за нејзината изградба е потребно уништување на добар дел од Водно.

Како што истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, новиот ГУП ќе започне да се работи според новиот Закон, но и Правилник за урбанистичко планирање.

– Убеден сум дека со новиот ГУП даваме шанса и предност на јавниот интерес, а ќе се работи 3,5 години, по строго утврдени правила, прописи и рокови – изјави Бочварски. 

(А.П.)