Европејците ќе мора да се навикнат на поплави и пожари, а екстремните временски настани веројатно ќе се зголемат и ќе станат почести, предупредија водечките светски научници, а пренесува Politico.eu.

Во големиот климатски извештај објавен во понеделникот, Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦЦ) рече дека човековата активност предизвикува „невидени“ промени во климата на планетата, вклучувајќи некои како што е зголемувањето на нивото на морето и дека тие се „неповратни“ стотици или илјадници години.

Но, глобалното затоплување нема да изгледа исто насекаде, а благодарение на напредокот во моделирањето на климата, проценката на IPCC вклучува детални проекции за тоа како климатските промени ќе влијаат на различни региони.

Еве што вели извештајот за Европа.

Пожари и топлотни бранови

Научниците очекуваат температурите во Европа да пораснат побрзо од просекот во светот. Низ целиот континент, фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови веќе се зголемија и се очекува да продолжат во било кое сценарио за глобално затоплување. Со загревање од два Целзиусови степени, екстремната топлина почесто би ги надминувала „критичните прагови“ за здравјето на луѓето, земјоделството и екосистемите, пренесува Politico.eu.

Шумските пожари како оние што се случија во јужна Европа во текот на минатата недела, најверојатно ќе станат почести. Научниците се силно убедени дека временските услови за пожарите ќе се зголемат во медитеранскиот регион, а исто така се убедени дека и Источна Европа ќе има проблеми со пожарите.

Авторите исто така нагласија дека трендот на високите температури во Европа не може да се објасни без човечкиот фактор, а IPCC рече дека е „недвосмислено“ што луѓето предизвикуваат климатски промени.

Градовите ширум светот ќе бидат тешко погодени од идните топлотни бранови, бидејќи урбаните области се потопли од околните рурални региони.

Поплави и суши

Катастрофите како смртоносните поплави во Германија и Белгија, исто така, ќе станат почести. Екстремните врнежи и настаните поврзани со поплавите се очекува да се зголемат дури и при најниско очекувано ниво на глобално затоплување – било што ја надминува целта на Парискиот климатски договор од 1,5 степени Целзиусови – во сите европски региони, освен Медитеранот.

Во северна Европа, научниците веќе забележаа зголемување на поплавите поврзани со дожд, кои не можат да се „припишат на човечко влијание“. Западна и Централна Европа, исто така, најверојатно ќе доживеат повеќе поплави.

Свења Шулц, германска министерка за животна средина, рече дека извештајот на ИПЦЦ јасно покажува дека „повеќе не можеме да избегнеме многу последици од климатските промени“, укажувајќи на поплави и постојани суши во Германија, како и неодамнешните пожари и топлотни бранови во Германија, јужна Европа и САД.