Јуве „купува“ нова ѕвезда за 0 евра

97

Актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, во изминатите неколку години се специјализираше за ангажирање на играчи кои се во последната година од договорот. „Старата дама“ за нула евра ги осигура услугите на Андреа Пирло, Пол Погба и Дани Алвеш, а за време на актуелниот летен преоден рок беше обезбеден потписот на Арон Рамзи и на Адриен Рабио.

Овој совршен низ би требало да го продолжи данскиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Кристијан Ериксен, пишува „Кориере дело Спорт“.

Одличниот играч за врска ја одработува последната година од договорот, а италијанските медиуми информираат дека раководните лица на „старата дама“ веќе потпишале преддоговор со Ериксен.

Доколку ваквата информација се покаже како точна, тогаш тоа ќе биде сериозен удар за „петлите“, кои не само што ќе останат без можеби најдобриот играч, туку ќе останат и без голема финансиска заработувачка. До пред неколку месеци, Тотенхем без размислување ги одбиваше понудите за Ериксен иако имаше и такви кои вредеа 120 мил. евра, а сега постои можност да останат без никаква заработувачка.