Јубилеј 70 години: Никој не останува рамнодушен кога настапува „Танец“

284

„Танец“ го одбележа својот седумдецениски јубилеј со свечениот концерт кој се одржа синоќа во Националната опера и балет на кој беше претставен само дел од богатата ризница на националниот ансамбл.

Основан на 24 март 1949 година „Танец“ со децении го собира, негува и уметнички го надградува македонското фолклорно богатство и го претставува во земјата и надвор од нејзините граници. Оттогаш ансамблот има бројни кореографии, илјадници концерти низ светот, огромен фонд на песни, ора, оригинални носии и сценски адаптации. Поради тоа и го носи епитетот симбол и амбасадор на македонскиот фолклор, подвижен музеј на македонската духовна култура.“

“Никој не останува рамнодушен кога настапува “Танец“. Уште при првиот звук од зурлата, уште на првиот удар од тапанот и при првиот чекор на ороводецот ни заигруваат срцата, ни затреперува телото. Не само нам, туку и на сите нашинци во дијаспората и на сите луѓе во светот. Затоа треба да сме им благодарни на сите генерации, членови на ‘Танец’, кои успеаја да го одржат континуитетот на чување на високите вредности што цели седум децении го прават горд нашиот народ“, со овие зборови премиерот Зоран Заев му го честиташе јубилејот на „Танец“ нарекувајќи го расадник на уметноста и на професионалци. „’Танец’ мора да ја продолжи својата мисија на негување и презентирање на исклучително богатото автентично фолклорно творештво“, рече тој, додавајќи дека должност, но и чест е на ансамблот да му се обезбедува сигурна иднина. Актуелниот директор Мартин Вучиќ, пак, истакна дека „Танец“ го задржува стандардот што го поставил уште на првото меѓународно претставување.

Со овации од публиката беше поздравен доајенот на „Танец“, Атанас Коларовски, автор на ората „Драчевка“ и „Калајџиско“, претставник на првата генерација играорци и две децении негов раководител, кому му беше врачена посебна благодарница. Благодарници им беа доделени и на поранешните раководители на „Танец“ за особен придонес во неговиот развој – Томе Димишковски, Бошко Тренески, Марко Колоски и Зоран Џорлев.