Јубилејна 60-годишнина: Најголемиот предизвик за Движењето на неврзаните е да остане релевантно

104

Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) Абдулах Шахид денеска изјави дека најголемиот предизвик за Движењето на неврзаните е да остане релевантно, јави Бета.

Шахид, кој вчера и денеска во Белград учествуваше на собирот посветен на 60-годишнината од Движењето на неврзаните, рече дека светот се соочува со многу предизвици поради кои е неопходна таа организација, која има најмногу земји по ОН, да „функционира нормално“.

Во емисија на РТВ Војводина, Шахид рече дека денес „се зголемуваат заканите од неколку страни“, кои не постоеле во времето на Движењето или Обединетите нации, и како примери ги наведе пандемијата на коронавирусот, климатските промени и енергетската криза.

Тој ја истакна потребата Движењето да остане во суштина неврзано, оценувајќи дека тоа бара балансирање меѓу различни меѓународни актери.

– Светот веќе не е биполарен, има повеќе фактори на моќ во светот. Движењето на неврзаните земји навистина мора да остане неврзано, и за таа цел мораме да балансираме со различни страни, рече Шахид, кој е и министер за надворешни работи на Малдивите.