ЈСП ќе купи 35 еко-автобуси што низ Скопје ќе возат до крајот на годинава

145

Во Министерството за финансии беше потпишан договорот за заем на 10 милиони евра од ЕБОР од страна на директорот на ЈСП-Скопје, Кристијан Чушков и заменик директорката на банката, Лин О’Грејди. Со сопствени средства во износ од 1,8 милиони евра, учествува и ЈСП, а има и грант од 1,1 милион евра од ЕБОР за техничка соработка при подготовка на проектот. Новите еколошки автобуси се очекува да возат до крајот на оваа или на почетокот на 2020 година

Околу 35 нископодни (зглобни и моно автобуси), на компримиран гас до крајот на оваа или напочетокот на наредната година ќе возат по скопските улици. За таа цел, во Министерството за финансии беше потпишан договор за заем на 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од страна на директорот на ЈСП-Скопје, Кристијан Чушков и заменик директорката на банката, Лин О’Грејди. Со сопствени средства во износ од 1,8 милиони евра, учествува и ЈСП, а има и грант од 1,1 милион евра од ЕБОР за техничка соработка при подготовка на проектот.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој ја потпиша со ЕБОР општинската гаранција за заемот, нагласи дека по 7 години ова е прва набавка на автобуси за ЈСП што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк.

– Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со ЦНГ технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП, со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема. Голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни – дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од автобусите, со што ќе се намали времето потребно да се стигне до конкретна дестинација во градот – изјави Шилегов.

Тој додаде дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси во Градот ја донеле по спроведените тест возења на три различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година.

– Резултатите од тест возењата покажаа дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи и речиси и загадуваат само 10 проценти од тоа што го прават сега дизел моторите во двокатните “кинески” автобуси, потрошувачката на гориво им е сведена на минимум, а се релативно евтини за одржување. Нашите очекувања се дека една година по истекот на грантот ќе имаме направено исплата на автобусите со заштедите што ќе ги направиме во работењето на ЈСП – рече Шилегов.

Директорот Чушков очекува со новите автобуси јавниот превоз на патници во градот да стане побрз и поефикасен.

– На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фрекфенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси – рече Чушков.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски како потписник на државната гаранција за заемот, објасни дека е добиен под исклучително поволни услови со каматна стапка од еуролибор плус 1 процент, рок на отплата од 10 години и грејс-период од три години.

– Инвестицијата во набавката на автобусите за која гарантира државата ја отсликува определбата на Владата за поддршка на реални и фискално ефикасни проекти. Со нив се придонесува за подобрување на животот на граѓаните, не се голи бројки на хартија и фасади, туку инвестиција која ќе подобри конкретна состојба во општеството. Нископодните автобуси на гас ќе имаат значително помали емисии на јаглерод диоксид во однос на постојните дизел автобуси, што ќе придонесе за намалување на загадувањето – рече Тевдовски.

Заменик директорката на ЕБОР, Лин О’Грејди најави дека Град Скопје од банката ќе добие и стручна помош за набавката и целосна реоргаинизација на финансиските перформанси на ЈСП и на превозот на патници во Скопје, како подготовка на Акцискиот план за зелен град. Таа рече дека Скопје е еден од дваесетте градови вклучени во Акциски план за зелени градови до 2020 година.

ЕБОР досега има инвестирано 1,831 милијарди евра во 113 проекти во македонската економија од кои најголем дел се во секторот инфраструктура.

Шилегов: Работиме јавниот превоз значително да поевтини

– Работиме на подобрување на условите кои ги нуди ЈСП како сервис на граѓаните, а како резултат на тоа очекуваме зголемување на бројот на патници кои ќе го користат јавниот автобуски превоз. Град Скопје секоја година со 9 милиони евра го субвенционира јавниот транспорт. Секоја заштеда која можеме да ја направуиме оди на конто на буџетот на Град Скопје, без притоа да ги оптоваруваме граѓаните со зголемување на цената на билетите. Наша цел е да направиме рационализација на системот на транспортот како би се намалил притисокот врз буџетот на градот, а тие средства да се наменат за други потреби за граѓаните – нагласи градоначалникот Шилегов кој напомена дека тоа ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и што е најважно, ќе даде сериозен импакт во намалувањето на повеќе деценискиот проблем со аерозагадувањето.

Со стратегијата за развој на Скопје Шилегов рече дека долгорочно се планира сегашната пруга која е надвор од градот да стане градска пруга.

– Тоа е фантастично исплатлива работа, ќе овозможиме две кичми на јавен транспорт на градот – едната е најавената трамвајска линија од Ново Лисече до Ѓорче Петров, а втората е железница од Драчево до Ѓорче Петров. Јавниот транспорт на пруга, односно на шина, е иднинатата на Скопје на која сериозно работиме во изминатата година – рече Шилегов.

(С.Бл) – Фото: Ѕ. Плавевски