ЈСП остава на совеста на граѓаните, немаат ингеренции за казнување!

1535

Од ЈСП потврдуваат дека секојдневно има и ситуации несовесни патници да ги одлепуваат/кинат налепниците од седиштата.-Тоа се случува речиси од првиот ден откако беа залепени во сите возила на ЈСП, акција која се спроведе пред околу еден месец. Граѓани, кои се обратија до нашата Редакција велат дека воопшто не се почитуваат мерките на заштита, се пуштаат повеќе луѓе од дозволеното, а со тоа се загрозува не само нивното здравје, туку и здравјето на возачите кои ги превезуваат патниците

 

Корисниците на јавниот сообраќаен превоз и натаму се соочуваат со старите проблеми. Иако јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) постави налепници кои требаа да помогнат во одржувањето на дистанца, односно со нив е назначено каде не смее да се седи, патниците почнаа да ги одлепуваат и да си седат еден од друг.

Граѓани, кои се обратија до нашата Редакција велат дека воопшто не се почитуваат мерките на заштита, се пуштаат повеќе луѓе од дозволеното, а со тоа се загрозува не само нивното здравје, туку и здравјето на возачите кои ги превезуваат патниците.

Иако, од ЈСП уште на самиот почеток на пандемијата информираат дека е ангажирано лице на влез во возилото кое треба да се грижи во автобусот да не е надминат капацитетот до 50 проценти, изгледа дека тоа не функционира.

Состојбата ќе стане уште поалармантна кога од септември ќе започне учебната година и кога учениците ќе тргнат на училиште. Не е јасно, како тогаш воопшто ќе се воспостави некаков ред.

Запрашани дали ќе преземат поригорозни мерки во однос на непочитување на мерките на заштита на патниците и контролирање на бројот на патници, од ЈСП велат дека немаат ингеренции да ги казнуваат несовесните патници кои ги одлепуваат/кинат налепниците, ниту оние кои не се придржуваат до протоколите за заштита од ковид-19 (носење маска, одржување дистанца при користење на јавен превоз). Но, признаваат дека се случува дури и одлепување на поставените налепници кои треба да помогнат во одржување на растојанието меѓу патниците.

-Сè е оставено на совеста на граѓаните, корисници на јавниот превоз. За жал, речиси секојдневно има ситуации несовесни патници да ги одлепуваат/кинат налепниците од седиштата. Тоа се случува речиси од првиот ден откако беа залепени во сите возила на ЈСП, акција која се спроведе пред околу еден месец. Во изминативе две недели, во седум возила беше извршено повторно обележување на седиштата. Притоа, соодветна служба интервенираше со повторно лепење/бележење на седиштата, по дојава на возачите или внатрешната контрола – потенцираат од ЈСП и додаваат дека вакви случаи се регистрирани во возила на линиите: 2, 15А, 22, 41, 50, 57 и 65.

(А.П.)