ЈСП го прилагоди возниот ред според продолжениот полициски час

95

Јавното сообраќајно претпрјатие (ЈСП) Скопје информира дека од утре, четврток (9.04.2020 год), па секој работен ден, јавниот превоз ќе функционира од 5 до 9 часот, па од 13 до 16 часот, односно од 9 до 13 часот автобуси нема да сообраќаат.

Од ЈСП истакнуваат дека новиот режим на функционирање на јавниот превоз е согласно мерките и насоките од надлежните институции за справување со појавата и ширењето на коронавирусот.

Автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.

Согласно одлуката на Влада на РСМ за забрана за движење oд петок од 16 часот до 5 часот во понеделник, јавниот превоз во посочениот период нема да функционира. Во истиот период нема да работат билетарниците и центрите за персонализација.

Од понеделник до петок, дел од билетарниците и центрите за персонализација ќе имаат скратено работно време, а дел ќе бидат затворени. Од 7.30 до 14 часот ќе работат билетарниците во Аеродром, Ѓорче Петров, Драчево, Маџари, Бутел, билетарницата на Зелен пазар и таа во Автокоманда, кај Дирекцијата на ЈСП Скопје.
Отворени од 7.30 до 14 часот ќе бидат центрите за персонализација во Карпош 2, на Бит пазар и центарот на Транспортен центар.

Од ЈСП Скопје потсетуваат дека нивните услуги можат да се купат и во над сто маркети и трафики дел од секундарната продажна мрежа, а чие работно време зависи од одлуката на сопствениците на субјектите.

Новиот, изменет режим на функционирање на јавниот превоз и работното време на билетарниците и центрите за персонализација, ќе важи во наредниот период, сѐ до новите препораки на надлежните институции.Во случајов, ЈСП Скопје не одлучува самостојно за режимот на јавниот превоз, туку, тој е согласно мерките, препораките и насоките на сите надлежни институции задолжени за справување и превенција од ширење на коронавирусот, информираат од ЈСП Скопје.