ЈП за државни патишта државно претпријатие со најголема добивка, лани остварило близу 47 милиони вера

246

Јавното претпријатие за државни патишта во текот на минатата година остварило најголема добивка во однос на сите останати државни фирми и јавни претпријатија, покажува анализата на податоците што ја прави „Таргет Груп“.

Добивката на ова јавно претпријатие лани била во висина од 46,9  милиони евра, пишува Пари. Ова претпријатие високо котира и според остварените приходи во текот на минатата година кога има приходи во износ од 140 милиони евра.  Просечниот број на вработени бил 457 лица, односно истиот е зголемен за триесет во однос на претходната година.

Минатата година била финансиски подобра од 2018 година. ЈП за државни патишта во 2018 година имало добивка 40,6 милиони евра, додека приходите биле 124,5 милиони евра.

На второ место на листата државни компании со најголеми профити е енергетската МЕПСО. Лани има добивка во износ од 7,2 милиони евра и во однос на 2018 та добивката е зголемена, односно во 2018 та била на ниво од 6,4 милиони евра.

Но, лани МЕПСО прикажува намалени приходи во однос на претходната година. Па така во 2019 година има приходи во висина од 88, 7 милиони евра, додека претходната година приходите изнесувале околу 100 милиони евра.

Минатата година, просечниот број на вработени бил 653 и е зголемен во однос на 2018 година кога бил 585.

Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонијасе наоѓа на трето место од листата на државни фирми со најголеми добивки. Компанијата има раст на приходите и добивката во 2019 година споредено со претходната.

Вкупниот приход за 2019 година е во износ од  9,1 милиони евра и профит во висина од 5 милиони евра со просечно 51 вработен.

Во 2018 година Државна лотарија имала приходи од 6,4 милиони евра и  добивка во износ од 3,3 милиони евра, додека просечиот број на вработени бил 50.