Шеикот Мухамед бин Рашид ал-Мактум, еден од најмоќните лидери на Блискиот Исток и неговата сопруга, принцезата Хаја бинт ал-Хусеин, започнаа правна битка во Лондон за благосостојбата на нивните деца, пренесува Би-би-си. Откако побегна од шеикот, принцезата Хаја е фотографирана пред судот во Лондон, каде започнала борбата за старателство над децата. Принцезата Хаја во придружба на нејзината адвокатка и телохранителот денеска се појави на рочиште во судот, додека нејзиниот сопруг не присуствуваше.

Јорданската принцеза Хаја бин Хусеин  е ќерка на покојниот јордански крал Хусеин и полусестра на сегашниот крал Абдула. Во британскиот суд таа поднесе барање за старателство над децата, што значи дека децата до донесувањето на одлуката, се под старателство на судот. Според британскиот закон, заштита од присилен брак помага ако некој тврди дека е присилен на брак или веќе е во присилен брак.

Канцеларијата за медиуми на Обединетите Арапски Емирати одби да коментира за приватни прашања кои се одвиваат на суд. Шеикот Мухамед е потпретседател на ОАЕ, се ожени со принцезата во 2004 година и тоа е негов шести брак. Тој има повеќе од 20 деца со различни жени.

Најмладата сопруга на шеикот, 45-годишната принцеза Хаја наводно со месеци внимателно се подготвувала за бегство во Лондон, откако сопругот ја лажеше за тоа дека ја затворил и мачел својата постара ќерка. По месеци планирање, принцезата во мај замина од Дубаи во Германија,а потоа во Велика Британија. Таа е сега во Лондон со двете деца.

Израсната е без мајка која загинала во хеликоптерска несреќа на 28-годишна возраст кога Хаја имала 2 години, а нејзиниот брат Али само што наполнил година. Јорданскиот крал од тој момент целосно се посветил на грижата за децата. Се школувала во Лондон и го има прошетано светот. До 30-тата година живеела под заштитата на нејзиниот татко и кралското семејство, а потоа се омажила за Мухамед бин Рашид Ал Мактим. И покрај на изглед идиличниот живот, бракот и слободната волја на одлучување и движење, што не е типично за жените во арапскиот свет, принцезата побегна од Дубаи и побара азил во Европа.