Јонхап: На состанокот Трамп – Ким му претходеа тајни подготовки

145

Специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Стивен Бигун, во саботата тајно се состанал со претставници на Северна Кореја, за да го организира денешниот состанок на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, пренесува агенцијата Јонхап.

Бигун, според извори на агенцијата, доцна во саботата пристигнал во пограничното село Панмунџо, заедно со официјалниот претставник од Советот за национална безбедност на САД, Елисон Хукер.

Засега не е познато кој учествувал во подготовките за состанокот Трамп-Ким од севернокорејската страна.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров, се ракуваше со него, а потоа ја премина линијата која ги дели двете Кореи. Со тоа Трамп стана првиот американски претседател кој стапнал на тлото на Северна Кореја.

– Ова е голем ден за светот. Тоа значи дека сакаме да го запреме несреќното минато и да се обидеме да создадеме нова иднина, изјави Трамп на границата меѓу двете Кореи.

Ким изрази надеж дека ќе бидат „совладани пречките“ во односите со Трамп.

Американските медиуми известуваат дека севернокорејскиот лидер изгледал опуштено и задоволно додека разговарал со Трамп.

– Ова е израз на неговата волја да работи на нова иднина, истакна Ким.

Ова е трета средба на двајцата претседатели, по нивниот историски Самит во јуни минатата година и неуспешните преговори во Виетнам во февруари.

Администрацијата на Трамп бара Пјонгјанг трајно да се откаже од својата нуклеарна програма пред да разгледа укинување на меѓународните санкции. Официјален Пјонгјанг одбива таков редослед на настаните.