Српската министерка за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави дека Србија внимателно ги следи разговорите во рамки на ЕУ за промена на методологијата на пристапување, потенцирајќи дека доколку е потребно, земјата ќе се адаптира.

– Немаме ништо против ако ЕУ има нови идеи кои би го подобриле квалитетот на процесот на пристапување. Но би било чудно, и не многу фер ако правилата на играта се менуваат за време на играта, истакна Јоксимовиќ.

На синоќешната Меѓувладина конференција во Брисел, таа оцени дека Србија е единствена земја кој почнала преговори по „постриктна методологија“, која се однесува на отворање пристапни преговори со поглавјата од областа на владеењето на правото и поглевјето 35, за следење на имплементацијата на бриселскиот договор. Таа посочи дека почетокот на преговорите со поглевјата 23 и 24 биле „првата ревизија на методологијата на пристапување“.

– Тешко дека условите можат да бидат многу потешки од оние по кои Србија сега преговара. Ние не се жалиме, со внимание следиме и ќе се адаптираме. Лично мислам дека новата методологија не може да биде применета на земји кои се веќе длабоко во процесот на пристапување, истакна Јоксимовиќ.