Лука Јовиќ игра под очекуваното ниво во првата сезона како фудбалер на Реал (М). Српскиот интернационалец пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ откако германскиот бундеслигаш Ајнтрахт од Франкфурт го прифати понуденото обесштетување од 60 мил. евра. На одиграните 17 натпревари, Јовиќ постигна само еден погодок и сосема очекувано постојано е критикуван од најверните фанови на „кралскиот клуб“, но и од шпанските медиуми.

Иако го стартуваше финалниот натпревар од шпанскиот Суперкуп, Јовиќ не се запиша во листата на стрелци, а по натпреварот беше дефиниран како еден од најлошите играчи на зелениот терен.

  • Овој натпревар најдобро ни покажа за каков играч станува збор. Игра на позицијата напаѓач, но во сите 83 минути кои ги помина на зелениот терен, во ниту еден момент не се сврти за да види кој играч е зад неговиот грб. Лука Јовиќ не е играч кој може да биде во комбинација за некој битен натпревар за Реал (М). Ако некој мене ме праша, Јовиќ не смее никогаш повеќе да игра за Реал (М). Луѓе, ова е Реал (М), тука мора да се игра на највисоко можно ниво, изјави поранешниот фудбалер на „кралскиот клуб“, Алваро Бенито.

И поранешниот селектор на младата репрезентација на Србија, Вељко Пауновиќ е загрижен поради моменталната форма на Јовиќ.

  • Време е да се разбуди и да сфати каква шанса има добиено. Јас верувам во него, но мора да почне со користење на шансите кои ги добива, изјави Пауновиќ.

Во изминатата сезона, репрезентативецот на Србија во дресот на германскиот бундеслигаш Ајнтрахт од Франкфурт постигна 27 погодоци и запиша седум асистенции.