Основното јавно обвинителство го чека извештајот од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со хаваријата која деновиве се случи во фабриката „Охис“.

Врз основа на тој извештај обвинителството ќе одлучи како ќе постапи понатаму, изјави утрово за весникот „Вечер“, државниот обвинител, Љубомир Јовески.

Истекувањето се случило во кругот на Органско Хемиска Индустрија „Наум Наумовски Борче”, каде правен субјект од Скопје препакува и отстранува отпадни хемикалии во течна состојба кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство. Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната, фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот.

Државниот инспекторат за животна средина  при извршениот увид во фабриката „Охис” земa примерок од страна на лабораторијата на МВР кој ќе биде испитан.