Јовески: Обвинителството ќе постапи откако ќе го добие извештајот за хаваријата во „Охис“

213

Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека излеаната течност во ОХИС е целосно собрана, а кадата е покриена со пилевина за да се соберат евентуалните остатоци и дека состојбата во фабриката е под контрола. Основното јавно обвинителство го чека извештајот од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со хаваријата која деновиве се случи во фабриката „Охис“. Врз основа на тој извештај обвинителството ќе одлучи како ќе постапи понатаму, изјави вчера за весникот „Вечер“, државниот обвинител, Љубомир Јовески

 

Основното јавно обвинителство го чека извештајот од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со хаваријата која деновиве се случи во фабриката „Охис“. Врз основа на тој извештај обвинителството ќе одлучи како ќе постапи понатаму, изјави вчера за весникот „Вечер“, државниот обвинител, Љубомир Јовески.

Истекувањето се случило во кругот на Органско хемиска индустрија „Наум Наумовски Борче”, каде правен субјект од Скопје препакува и отстранува отпадни хемикалии во течна состојба кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство. Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната, фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонската када која е надвор од објектот.

Државниот инспекторат за животна средина при извршениот увид во фабриката „Охис” зел примерок од страна на лабораторијата на МВР кој ќе биде испитан.

Инспекторатот постапил по дојава од жители кои во петокот почувствувале силна и непријатна миризба во околината на фабриката, каде се до вечерните часови се одвиваше вистинска драма.

Од Државниот инспекторат за животна средина појаснија дека истекувањето се случило во погон во кој фирма препакува и отстранува историски хемикалии кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство.

Фирмата има дозвола да препакува т.н. историски отпад кој го пакува во буриња и го извезува во Швајцарија. Станува збор за отпад во количина од 60 до 70 тони.

Министерството за животна средина и просторно планирање вечерта по инцидентот информираше дека излеаната течност во ОХИС е целосно собрана, а кадата е покриена со пилевина за да се соберат евентуалните остатоци од течноста и дека состојбата  во фабриката е под контрола. Оттаму смируваат дека  нема место за паника, со тоа што надзорот на локацијата ќе продолжи и во наредните  денови.

Во собирањето на излеаната течност беа вклучени армиските припадници по наредба на Генералштабот, а по барање на МВР, единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана која е специјализирана за вакви ситуации. За случајот бил информиран и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

И заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во саботата преку својот фејсбук-профил информираше дека инцидентот во фабриката „Охис“ е целосно саниран и оти нема никаква опасност.

– По  случувањата во кругот на „Охис“, повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од лабораторијата „Амбикон“ на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето. Она што е констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции – напиша Макрадули на Фејсбук.

Тој додава дека откако ќе бидат собрани и обработени податоците од сите релевантни институции, ќе се донесе соодветно решение.

– Сакам да ги уверам жителите на Кисела Вода дека не постои никаква опасност, а тоа и го покажуваат и мерењата од страна на лабораторијата „Амбикон“, направен со PID детектор за органски испарливи компоненти кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот – пишува Макрадули.

Доктор Андон Чибишев, поранешен директор на Клиниката за токсикологија, вели дека метил акрилатот е токсична супстанца која при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди на истата.

-При експозиција на пареи од метил акрилат доаѓа до иритација на очната слузокожа и појава на чешање и солзење на очите, а при поголеми концентрации може да дојде и до оштетување на видот. При контакт со пареи од метил акрилат, во зависност од времето на експозиција односно изложеност и неговата концентрација, може да дојде до полесни или потешки нарушување на респираторниот систем проследен со печење во грлото и градите, кашлица, отежнато дишење, а при поголеми концентрации може да настане оток на белите дробови (токсичен белодробен едем) кој е потенцијално смртоносна компликација – смета Чибишев.

Тој додава дека неповолното дејство на зголемена концентрација на пареи на метил акрилат на централниот нервен систем може да предизвика грчеви (конвулзии), летаргија и нарушување на свеста.

-При манипулација со метил акрилат задолжително се носат заштитни средства  (заштитна облека и маски), а првично при хаварија се врши евакуација на населението во радиус од 50 метри од местото на хаваријата. При хаварија од потежок степен се врши евакуација во радиус од 800 метри до 1.000 метри и се преземаат итни мерки за деконтаминација – вели Чибишев.

 (А.П.)