Ја прифаќаме суштината на Резолуцијата, но важно е и да е во согласност со Уставот, истакна Заев

26

Ја прифаќаме суштината и структурата на Резолуцијата, како и текстот, без да менуваме ниту точка, ниту запирка. Но кога премиерот ќе поддржи документ спротивно на Уставот, тоа зборува за Владата, тоа зборува за државата, тоа зборува за институциите. Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали доколку не стои уставното име на државата во текстот на Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за националнуите црени линии, истата ќе ја поддржи.

– Покажавме доблест и се надминавме за целиот свет, за Бугарија, секако за сите нас дома нема дилеми за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Имаше дилеми за Мицкоски, поднесоа резолуција. Суштината и структурата на целата Резолуција и текстот го прифаќаме без да менуваме ниту запирка, ниту точка. Има што да додадеме, би сакал да стои Преспански договор, би сакал да стои Договорот за пријателство и соработка со Бугаирја, зошто не. Еве не чепкаме да биде така, рече Заев.

Потсети дека пред некоку дена едногласно со 84 пратеници беше изгласан Мешовитиот комитет каде што стои Република Северна Македонија, потпишан и го копретседава господинот Александар Николовски, како и закони од безбедноста и одбраната гласани од сите заедно во Парламентот, вклучително и партијата ВМРО-ДПМНЕ.

– Испраќам позитивна порака, се разговара на овие прашања, навистина покажавме доблест и големина, еве и ДУИ во разговорите се приклучи, албанската опозиција исто така се приклучи, помалите партии се приклучуваат, суштината е важна, како што е важен и Уставот, оцени Заев.

Вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата, а Резолуција во која нема уставно име, како што рече, нема правна форма. Истакна дека во однос на тој документ е поважно да не се направи штета и повика на внимателност оваа политика да не добие етничка и партиска димензија, бидејќи, како што рече, може само да ја ослабе нашата позиција.

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на денешната 47. седница на Собранието.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори“.