Четирикратниот светски шампион во пливање Даија Сето (Јапонија) суспендиран е до крајот на годината заради вонбрачна врска. Како што пренесува Би.Би.Си, Пливачката федерација на Јапонија го суспендираше 26 – годишниот пливач заради кршење на стандардите на спортското однесување на организацијата.

Актуелниот светски шампион на 100 и 200 метри мешано ја предаде и капитенската лента на Олимпискиот тим на Јапонија, откако ја призна врската.

-Моето извинување е да продолжам да пливам, обновувајќи ја довербата на семејството, која длабоко е повредена од моето неодговорно однесување. Сакам сериозно да се занимавам со пливање, со одлучност да почнам од почеток. Сакам семејството и сите други повторно да ме препознаат како пливач и освојувач на медали, изјави Сето.

Сето ќе може да се натпреварува на Олимписките игри во Токио во 2021 година. Тој пред четири години на Игрите во Рио де Жанеиро се закити со бронза на 400 метри мешано.