Јајцата и оризот под мраз до 30 април

73

Владата ги замрзна цените на оризот и јајцата од кокошка и донесе одлука со која го ограничи извозот на јајца. Како основа за замрзнување се зема цената што ја имале овие производи на 15 март, а одлуката ќе важи до 30 април. За да се спречи недостигот на јајца на домашниот пазар, Владата донесе одлука најмалку 70 отсто од производството на јајца да се пласира на домашниот пазар.

Трговците имаат обврска јајцата да ги продаваат во количества во кои редовно се продавале во јануари и во февруари 2023.

-Овие мерки се донесени врз база на факти и анализи. Во изминатиот период утврдивме значајни измени во цените на овие производи како резултат на движењата на увозот и извозот. Ќе ги следиме случувањата на домашниот пазар и нема да дозволиме дисбаланс на пазарот пред Велигден и Рамазан Бајрам, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Производителите најмалку 70 отсто од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека и покрај тоа што е зголемената побарувачката на јајцата во регионот и цените се повисоки, нема да дозволат да се извезат сите јајца.

-Ако се дозволи извоз на јајца, цело производство ќе отиде надвор. Поради тоа 70 отсто од целото домашно производство ќе оди во маркетите и нема да дозволиме зголемување на цените, изјави Бектеши и додаде дека цените на јајцата и оризот не може да бидат повисоки, но можат да бидат пониски од оние на 15 март.

Цените на јајцата немаше да поскапат пред велигденските и рамазанските празници и без да беше донесена одлуката за замрзнувањето на нивната цена, изјави Абдулезел Догани, директорот на „Везе Шари“

-И покрај зголемената побарувачка последниве 3-4 месеци цената на јајцата остана непроменета. Последно зголемување на цената на јајцата имаше во август минатата година, изјави тој.

Догани вели дека ќе ја почитуваат одлуката за замрзнати цени, бидејќи како што вели со оваа цена работат рентабилно.

-Оваа цена е во ред за да работиме рентабилно и да оствариме профит. Моментално имаме најниска цена на јајцата во регионот и покрај тоа што побарувачката во последниве 3-4 месеци е зголемена. Побарувачката е зголемена не само во регионот, туку и во цела Европа. Но не е во ред да извезуваме, бидејќи прво треба да ги задоволиме потребите на домашниот пазар, изјави Догани за весникот ВЕЧЕР.

Ако се појават мали количини како вишок може да се извезат, но ние имаме годишни договори со маркетите кои мора да ги испочитуваме.

Продажната цена на рафт во маркетите низ градот се движи од 99 до 109 за пакување од 10 јајца. Тој појасни дека нема да има намалување на цената на јајцата, туку само замрзнување на постојната цена.

Зоран Јовановски, потпретседател и советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора за макроекономски прашања и јавни финансии, смета дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение.

Според него, товарот од кризата не треба да го носи само една индустрија, туку треба да падне врз грбот на сите по малку. Државата, пак, треба да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејства кои би купувале леб по замрзнати цени.

Кога ќе се замрзне цената на лебот, како што напомена Јовановски, се замрзнува за сите во општеството, и за социјално загрозените и за тие што можат да платат пет пати повисока цена од таа. Оттука се поставува прашањето, зошто тој што може да плати петпати повисока цена да го купува лебот по замрзната цена и зошто тој е субвенциониран.

И од Стопанската комора на Северозападна Македонија бараат да се престане со замрзнување на цените и да се најдат нови начини за да се намалат цените. Тие предлагаат да се интервенира преку државните резерви, да се намали ДДВ-то, другите даноци… за да се дојде до поволни цени за граѓаните.

Владата досега донесе мерки за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб, намалување на цените на тестенините за 15 отсто и на млекото и млечните производи за 10 отсто.

(А.С.)