Тој е најдобриот македонски маратонски пливач, а во последните пет-шест години со своите одлични резултати ја импресионира не само македонската туку и светската јавност. Може да се каже дека она што за Србите е Новак Ѓоковиќ, за Македонците е Евгениј Поп Ацев, трикратен шампион во Гран при серијата на ултрамаратони 2015, 2017 и 2019 година. Поп Ацев во 2015 годинa триумфираше и на Охридскиот маратон, со што израдува многу Македонци, а неговата наредна цел е обезбедување на олимписка норма за Игрите во Токио наредната година. Евгениј е и сопруг и татко, тој е во брак со Британката Алана со која има и ќерка. Двајцата по професија се стоматолози, а токму професијата е една од причините што неговата сопруга сака да живеат во Британија. Но засега се на релација Македонија – Британија, каде што тренира и се подготвува за своите натпревари, наредната сезона.
Токму во интервју за весникот ВЕЧЕР, откри како се подготвува за остварување на олимписката норма, за семејниот живот, каде се ќе настапи наредната сезона, но и за проблемите кои го тресат пливањето во последниве неколку години.
ФОТО: Петр Стојановски
Од што се треба да се откаже еден пливач ако се земе предвид дека сезоната е долга и речиси без пауза?
Во текот на годината постојано тренирам. Единствените две недели пауза ми се во текот на октомври, а сето останато време го минувам или на тренинзи или на натпревари. Оваа сезона можам да кажам дека беше навистина напорна за мене, бидејќи се натпреварував на Гран При – ултра маратон, како и на Светскиот куп на 10 километри која е олимписка дисциплина. Настапував на сите трки во двете дисциплини, така што на првото натпреварување бев прв, додека во СК го освоив шестото место. Беше навистина напорна сезона, настапував на речиси сите трки и на крајот тоа го крунисав со прво место во ултрамаратонската серија. Искрено, среќата ме послужи, не очекував дека покрај толку трки да победам на ултрамаратонската серија и да бидам меѓу најдобрите во Светскиот куп.
Дали наредната цел е обезбедувањето на олимписката норма за ЛОИ во Токио?
Точно така. Наредната сезона ќе се фокусирам на изборување на норма за Олимпијадата во Токио. Квалификациите се во мај (каде што девет пливачи ќе обезбедат норма), немам многу трки од ултрамаратон, така што трките од Гран При серијата се во февруари и ќе ми послужат како еден вид на подготовка. Сметам дека имам реални шанси да дојдам до толку посакуваната норма. Според досегашните резултати, јас сум веднаш зад најдобрите. Но, доколку добро се подготвам, добијам уште малку на брзина, можам да дојдам до времето за ОИ. Кога ќе поминат квалификациите за ОИ ќе можам да се фокусирам за натпреварите во ултрамаратон и СК кои ќе бидат во текот на летото. Исто така на почетокот на мај ќе има и Европско првенство, на кое сигурно ќе настапувам.
Дали по овие извонредни резултати на Вашата адреса стигна некаква помош, пред се финансиска?
До минатата година бев стипендист и требаше да се фокусирам само на обезбедување на норма за ОИ. Но знаете како е кај нас, стипендијата од не докрај разјаснети причини ми беше укината уште во декември 2018 година. Искрено, не ни знаев за таквиот потег на Македонскиот олимписки комитет (МОК), тоа го дознав дури во јуни, па затоа се обидувам да бидам дел од сите можни натпреварувања од кои би дошол до финансиски средства за да можам да се финансирам самиот. Во 2017 година бевме прогласени како олимписки стипендисти, но задолжителните финансии ни ги даваа на „рати“ – еден месец добивавме стипендија, другиот – не. Навистина не знам како е можно сето тоа, и покрај тоа што имав потпишано договор. Сега и да добијам стипендија, веќе е доцна, бидејќи главните натпреварувања кои ми служеа како подготовка си ги финансирав сам. Кај нас сè е наопаку. На пример, кај што живеам во (В. Британија) луѓето ги финансираат цели четири години и со тоа државата им дава шанса што полесно да дојде до норма, а јас морам прво да се погрижам околу финансискиот дел, па да можам преку квалификациските натпревари да дојдам до толку посакуваната норма. Кај нас спортистите немаат еднаква шанса за да бркаат норма со останатите пливачи од странство. Сите мои конкуренти добиваат стипендија пет-шест години, а нивно е само да се насочат кон натпреварувањата.
Имавте понуда да ги браните боите на други земји. Зошто не ја прифативте?
Едноставно не сакав да настапувам за друга земја. Летово повторно имав понуда од друга држава, поточно од Хрватска, но јас се чувствувам како Македонец и ќе ги бранам боите само на оваа земја. Тука сум роден и затоа ме исполнува гордо да ја претставувам Македонија, и покрај тоа што условите во хрватската селекција би биле далеку подобри. Тука се чувствувам како дома, особено кога пливам на Охридскито маратон, додека во Хрватска би бил странец. Се откажав од други бенефити за да пливам за Македонија, мислам дека тоа е нешто што најмногу ме исполнува.
Големи се проблемите и околу Пливачката федерација. Колку водењето на „двојна“ Федерација им прави проблем на пливачите?
Како пливач, можам да кажам дека тоа е голем проблем за нас. Водењето на двојна федерација ни оневозможува да се натпреваруваме, бидејќи навистина не знаеме која федерација е вистинска, а која не. Постои реваншизам меѓу двете федерации. Едната им дозволува на пливачите да се појават на одредени натпреварувања, додека другата ги суспендира. Двете федерации мора во најскоро време да го средат сето ова, бидејќи жално е тоа што страдаат само пливачите. Јас минатата сезона се соочив со едно вакво искуство. После мене верував дека нема повторно да се случи истото, но за жал се повторува. Реално, наместо пливачите да мислат на своите подготовки, тие до последен момент гледаат дали се суспендирани од другата федерација за настап на тоа натпреварување. Едно нешто ќе кажам – Федерацијата треба да работи за пливачите, а не за себе. Ова е класичен реваншизам кој да седне во фотелјата.
Неколку македонски пливачи го препливаа каналот Ла Манш, дали и од Вас може да се очекува ваков подвиг?
Би сакал да го испливам во иднина, но тоа сигурно би било пред да ја завршам кариерата. За мене овој подвиг претставува еден вид на атракција. На пример, кога е натпреварувачка сезона немам време да се фокусирам на вакви дострели, бидејќи за Ла Манш треба да се оди среде сезона, да можам да се адаптирам, а потоа да стартувам со подготовки. Овој канал може да биде доста незгоден за пливање, бидејќи постојано има силни струи и се останато. Веќе Ла Манш не е само за професионалните пливачи, сега го препливуваат и аматери, па затоа сметам дека не е некој голем подвиг. Сега и пензијата за овој подвиг е укината, но доколку не беше така сигурно ќе се фокусирав на такво нешто.
Како успеваш да најдеш време за семејниот живот покрај сите активности кои ги бара пливањето?
-Мене искрено, тука ми е поубаво за живеење. Но, кога е во прашање сопругата, таа сака во Велика Британија, поради работата и својата кариера. Сепак, наоѓаме компромис, одреден период сме таму, потоа некое време сме тука. Овие две години ќе бидеме таму, ќе тренирам во Свонси (Велс).
Каде се гледаш за десетина година?
Па сметам дека од пливањето би се префрлил на стоматологија. Имам толку многу труд вложено во оваа професија и посакувам сето тоа да си го наплатам. Се гледам себеси како стоматолог, но не ја исклучувам можноста ниту да работам нешто во пливањето – на пример како тренер, но не и во Федерацијата. Сакам моето стекнато искуство да го пренесам на помладите, па затоа, би сакал да работам и како тренер.