Спортистите кои ќе учествуваат на Летните олимписки игри во Токио и притоа ќе се заразат со коронавирусот ќе бидат изолирани во посебен хотел. Организаторите закупија цел хотел само за натпреварувачите кои ќе заболат од ковид 19.

Јапонската новинска агенција Кјодо, пренесе дека организаторите обезбедиле 300 соби во хотел кој се наоѓа во близина на олимпиското село.

Собите ќе ги користат спортистите или останатите членови од екипата кои не мора да бидат хоспитализирани. Ова е една во низа од мерките во обид да се спаси одржувањето на Олимписките игри во Токио.

Олимписките игри треба да почнат на 23 јули, а против неговото одржување се дури 80 проценти од жителите на Јапонија. На Олимписките и Параолимписките игри се очекува да учествуваат околу 15.000 спортисти од повеќе од 200 земји, десетина илјади судии, официјални лица во администрацијата и многу медиуми кои ќе го пренесуваат настанот.

На Игрите нема да присувствуваат навивачи од странство, а организаторите се уште немаат соопштено колку домашни навивачи во живо ќе го гледаат натпреварувањето. Ситуацијата ја комплицира зголемениот број на заразени, пред се во градовите Осака и Токио.