Јапонски практики за подобри деловни резултати

38

Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Северна Македонија (АППРСМ) објави нов Јавен повик за спроведување стандардизирани менторски услуги за мали и средни претпријатија.

Повикот е отворен до 29 април 2021 година, а право на учество имаат мали и средни претпријатија регистрирани на територијата на Република Северна Македонија со доминантно домашен капитал и измирени јавни давачки (даноци и придонеси), кои не водат деловна активност во рамки на воената индустрија и не организираат игри на среќа/лотарија.

Услугата менторство е бесплатна, а се релизира според Методологијата што АППРСМ ја разви во соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и има за цел да обезбеди сеопфатна поддршка за непречен развој и подобри деловни резултати на економските субјекти во Северна Македонија.

Заинтересираните стопанственици, малите и средни претпријатија, ќе имаат на располагање обучено стручно лице – ментор, кое ќе работи директно со сопственикот / менаџментот на претпријатието-корисник одреден број часови. Корисникот и менторот ги проучуваат тековните активности, причините за тековните проблеми или пречките за натамошен развој, клучните потенцијали за раст врз основа на што се подготвува акциски план или план за развој.

-Стандардизираниот пакет услуги за мали и средни претпријатија се спроведува преку овластени ментори, работно ангажирани во надлежните Регионални Центри за развој на малите и средни претпријатија и кои се дел од Институционалната мрежа за поддршка на претприемништвото и малите и средни претпријатија на АППРСМ. Услугата се однесува на бесплатно менторство за новооснованите мали и средни претпријатија, не постари од три години од денот на објавување на Јавниот повик како и постоечки претпријатија, со бизнис подолг од три години (регистрирани пред март 2018 година), кои се наоѓаат во клучен момент за нивен понатамошен развој или опстанок на пазарот, наведува Агенцијата.

Пријавите со сите придружни обрасци и документација се доставуваат лично или по пат на регистрирана пошта до надлежните Регионалните центри во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Велес, Струмица и Охрид со назнака: „Барање за јавен повик за менторски услуги во 2020 година”.

Обрасците за пријавување и адресите на регионалните центри се достапни на веб-страницата на АППРСМ: http://www.apprm.gov.mk/Javen_Povik-Mentorstvo и https://www.facebook.com/mentoringmacedonia/
За подетални информации, сите заинтересирани страни можат да се јават во регионалните центри или АППРСМ преку е-пошта, mentoring@apprm.gov.mk.