Јапонскиот цар Нарухито и неговата сопруга Масако се возеа во отворена лимузина низ центарот на Токио за да го одбележат годинешното крунисување.

Илјадници Јапонци се собраа долж улиците, каде се движеше царското возило и со знамиња и извици го поздравија новиот цар.

Царот Нарухито (59) го наследи престолот во мај, откако неговиот татко Акихито абдицира и стана првиот монарх што тоа го направил во последните два века.

Процесијата требаше да се случи на 22 октомври, кога императорот беше официјално востоличен пред истакнати личности од околу 190 земји, но тоа беше одложено поради катастрофалниот тајфун.

Денеска, под сонце без ниеден облак, императорот Нарухито и царицата Масако, поранешен дипломат образована на Харвард, мавтаа од отворената лимузина на „Тојота“, минувајќи ги улиците под будното око на обезбедувањето и полицијата.

Царот беше во формална облека, царицата Масако во бел фустан со тијара на главата која светкаше на сонцето, што беше многу поразлично од крунисувањето кога и двајцата беа во традиционална облека.

Десетици илјади луѓе од целата земја се собраа по патот долг 4,6 километри за да ја видат царската двојка. Некои беа дојдени уште од претходниот ден за да зафатат место со добар поглед.

„Сакам да го видам овој историски момент и да ја видам со свои очи насмевката на царот и царицата, затоа сакав да застанам во прв ред“, рече Хиори Оказаки, кој чекаше во редот од синоќа пред Империјалната палата. „Не можев да чекам, па дојдов минатата ноќ“, додаде тој насмеано.

Додека свиреше празнична музика, парадата долга 400 метри од 46 автомобили, вклучувајќи автомобили со крунскиот принц Акишино, крунскиот принц Кико и премиерот Шинзо Абе, полека се движеше низ улиците. За безбедноста на поворката се грижеа 26.000 полицајци.