Јапонија донира нов рентген апарат вреден 60.698 евра во општата болница Гевгелија

65

Јапонскиот амбасадор Савада Хиронори денеска присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во гевгелиската Општа болница со проширена дејност. Церемонијата, беше организирана од страна на градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов и директорот на болницата, д-р Митко Крџев, во знак на благодарност за донацијата.

Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија да добие нов Shimadzu рентген апарат на одделението за ренгтгенологија и радиодијагностика, во вкупен износ од 60.698 евра.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, се заблагодари на амбасадорот Хиронори и на јапонскиот народ за досегашната поддршка што ја даваат на Република Македонија и на  Општина Гевгелија. Овој апарат, истакна Сарамандов ќе придонесе за подобро функционирање на Општата болница во Гевгелија и е многу значајна бидејќи со ова градиме заеднички мостови на соработка.

Амбасадорот Савада искажа задоволство дека со овој апарат во изминатата година биле направени над 4.000 дигитални снимања. Јапонскиот народ им помага и ќе им помага и во иднина на македонскиот народ со вакви донации во областа на здравството, образованието и животната средина. Од 1996 година, истакна тој, во овие области се донирани средства во висина од 8,5 милиони евра.

Директорот на Општата болница, д-р Митко Крџев, во свое име, како и во име на целокупниот персонал на болницата изрази благодарност по повод овој хуман гест, донација на современиот дигитален рентген апарат, кој многу ќе придонесе за зголемување на безбедноста и благосостојбата на пациентите преку навремено дијагностицирање.

-Овој апарат ни овозможи правење на квалитетни снимки, со што во време на ковид кризата нашите пациенти добиваа навремена и прецизна дијагностика, изјави началникот на Одделението за ренгенологија и радиодијагностика д-р Нако Поп Ристов.

Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со Сарамандов и Крџев, во кабинетот на Грдаоначалникот на Општина Гевгелија, на која тие разговараа за можностите за идна соработка.

Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од три милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за Ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со Ковид-19.

Љ.А.