Јанша со провокации на Твитер, остри реакции од ЕУ челници

110

Словенечкиот премиер Јанез Јанша повторно се истакна со провокативен твит во кој клевети низа европарламентарци дека се платеници на Џорџ Сорос, реагираше и холандскиот премиер, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Словенечкиот премиер на Твитер објави фотомонтажа со десетина европарламентарци критички настроени кон неговото владеење, во која тој директно ги обвинува дека се „платеници на Сорос“. Меѓу пратениците кои ги клевети шефот на словенечката влада се најде и холандскиот екс-пратеник, Ханс Ванбален, кој е сега починат.

Експресно реагираше претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, на Твитер.

-Итно бараме од Јанез Јанша да прекине со провокациите кон членовите на Европскиот Парламент. Нападите врз членовите на овој дом се и напади врз европските граѓани. Конструктивна соработка со ротирачкото претседателство на ЕУ може да се заснова само на заемна доверба и почит, напиша Сасоли.

Неколку часа подоцна, исто така на Твитер, се огласи и колегата на Јанша, холандскиот премиер Марк Руте.

-Невкусен твит од Јанез Јанша за европратениците. Го осудувам на најостар можен начин. Владата го пренесе ова чувство до словенечкиот амбасадор во Хаг, порача Руте.

Пред неколку недели словенечкиот премиер објави низа клевети за новинари од реномирани медиуми како Њујорк Тајмс и Политико Европа поради нивните стории за состојбата со владеењето на правото и слободата на медиумите во Словенија.