Јанева бара да си оди дома,  судот ќе ú одговори до петок

Во исто време, од Државната комисија за спречување на корупцијата не отвориле предмет за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е третосомничена во случајот „Рекет“. Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, изјави дека тие не водат случај за Јанева, случајот е во Обвинителството. Поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист и тоа за купување половно возило. Јанева, но и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандат треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба

116

До крајот на неделава специјалната јавна обвинителка Катица Јанева најверојатно ќе излезе од Шутка, откако нејзината адвокатка Ирена Фрчковска поднесе барање за укинување на мерката притвор. Одлуката, според најавите треба да биде донесена во петок, на денот кога истекува 30-дневната мерка притвор.

„Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлука ќе донесе Судот“, изјави Фрчкоска.

Таа посочи дека бараат Катица Јанева да се брани од слобода, за што предложиле и други мерки за обезбедување, како и гаранција во недвижен имот.

Во исто време, обвинителите од СЈО и понатаму се на старото работно место, во зградата на „Рузвелтова“ 34, бидејќи обвинителот Љубомир Јовески ги задолжил да ги чуваат предметите кои ги застапуваа пред суд. Републичкиот јавен обвинител набрзо ќе треба да одлучи за секој предмет поединечно, односно кое обвинителство е надлежно и кои обвинители ќе продолжат да ги застапуваат предметите пред суд.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата не отвориле предмет за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е третосомничена во случајот „Рекет“.

Претседателката на Антикорупциска Биљана Ивановска изјави дека тие не водат случај за Јанева, случајот е во Обвинителството. Поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист и тоа за купување половно возило. Јанева, но и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандат треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба.

Рекет е тест

Истрагата за аферата„Рекет“ е во тек и властите очекуваат разврска , за како што велат да се докаже независноста на правосудниот систем.

Институционална разврска на овој предмет ќе ја докаже независноста на правосудниот систем. Тоа е европскиот начин, изјави премиерот, Зоран Заев.

„Рекет“ е силен тест за судството и успехот во правосудните реформи. Со решавање на овој случај и Законот за Јавно обвинителство ќе ја докажеме независноста на судството и борбата против корупцијата, рече премиерот Зоран Заев.

Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека случајот „Рекет“ и која било друга афера, мора да се реши до крај, без никакви влијанија на политиката, бизнисот.

-Мора да докажеме дека нема селективна правда. Колку и да се чинат безначајни аферите, многу е битно правосудството да ги истера до крај, да има целосна и брза реакција, за предметите да не се влечкаат по судските коридори со години, порача претседателот.

Кон средината на идниот месец, рече претседателот, очекуваме да добиеме датум за пристапни преговори со ЕУ, но потенцира дека без луѓе од еснафските здруженија не може да се оди на преговори во Брисел.

-Нема сфера во општеството што не е поврзана со економијата. Во преговарачките тимови ќе мора да има луѓе од еснафот. Наскоро стануваме и членка на НАТО, а тоа значи дека перцепцијава за земјава нагло ќе се смени, ќе се зголеми довербата кај инвеститорите зашто ќе не гледаат како предвидлива дестинација за вложување, истакна Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ предлага анкетна

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесе до Собранието предлог одлука за основање на анкетна комисија за утврдување на евентуалното нестручно, несовесно и незаконито работење на СЈО во рамките на оваа институција, изјави пратеникот Антонијо Милошоски.

„Оваа предлог одлука ја поднесуваме до Собранието затоа што токму собранието на предлог на Советот на јавни обвинители констатираше дека специјалниот обвинител госпоѓа Катица Јанева работела нестручно, незаконски и несовесно и сакаме во име на граѓаните како даночни обврзници кои одвоиле од прилика 15 милиони евра за работењето на досегашно СЈО да ги утврдиме фактите на кој начин биле трошени средствата и на кој начин се постапувало по одредени други процедури внатре во самото СЈО.

Анкетната комисија би се состоела од претседател и 10 членови, сметаме како иницијатори дека имаме и капацитет и согласно собраниската пракса да номинираме претседател на оваа Анкетна комисија, а сите други политички партии согласно нивното присуство во Собранието да делегираат членови во Анкетната комисија. Анкетната комисија не би се занимавала со било какви обвинителски  или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител ниту судија но би го утврдувала начинот на материјално и финансиско работење на обвинителството , почитување на постоечките законски процедури и деловодници  внатре во самото обвинителство . Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство утврдување на можни конфликтни интереси или непотизам при вработување како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари за она што го имаме како дојава за потпишување на договори за чување на деловна тајна која сметаме дека по самиот опис на работа не би требало да ги исклучуваат обвинителите или вработените внатре во обвинителството бидејќи законот им налага во секој случај со самото засновање на работен однос да чуваат деловна тајна а сметаме дека имало голем дел на такви договори и исплатени хонорари кои според нас немаат законска основа.