Јадран и Егеј подготвени за корона туризам!

294

Пандемијата на коронавирусот, се чини, ќе ги смени плановите за летување на најголемиот број вљубеници во патувањата. Неодамна, во врска со отворањето на границите, министерот за здравство Венко Филипче повика на внимателност. Посочи дека пребрзото отворање на граничните премини може да ги урне досегашните здравствени стратегии на државите и да предизвика ескалација на кризата предизвикана од вирусот ковид-19.

Иако летувањето на море, за македонските граѓани изгледа далечно, сепак , позитивни вести доаѓаат од нашите омилени туристички дестинации, Грција, Турција, Црна Гора, Бугарија, Хрватска па дури и Египет, од каде што се најавува од почетокот на јуни ќе бидат укинати корона-тестовите.

– Нема да се бара никакво тестирање, само ќе се мери температурата, ќе се почитува физичката оддалеченост така што туризмот, како таков, оживува во целосна форма – рече Александар Сеничиќ, директор на националното здружение на туристички агенции „Јута“. Тој вели дека во хотелите, појадокот ќе се сервира стандардно на масите, а проблем може да биде намалениот број на гости.

Нашиот јужен сосед на 15 јуни ги отвора границите, првично за 19 земји, меѓу кои и за Македонија. Според локалните медиуми, без тестови и карантин во Грција ќе патуваат туристите од Кипар, Израел, Кина, Јапонија, Австралија, Норвешка, Данска, Австрија, Бугарија, Србија, Романија, Албанија, БиХ, Хрватска, Полска, Унгарија, Словачка и Чешка. Странските туристи слободно ќе пристигнуваат во Грција, иако во изминатиот период се споменуваше дека позитивен тест до 72 часа пред поаѓањето ќе биде еден од предусловите за патување кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

-На нашите посетители ќе им се прават тестови по случаен избор и ќе се почитуваат нашите општи здравствени протоколи кои сепак, нема да го засенат, ниту нашето сјајно сонце, ниту природната убавина на Грција, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Министерот за туризам на Грција соопшти дека во 2019 година, 33 милиони туристи ја посетиле земјата, а профитот бил 19 милијарди евра. Ставот на грчката влада е дека ова лето нема да биде исто со ланското, но дека земјата ќе се обиде да добие што е можно поголем дел од помалата европска туристичка пита.

И Хрватска притиска за брзо отворање на границите, зашто без туризам се пред економски колапс. Иако токму Хрватска е земјата која во европската дебата за отворање на границите за туристички цели е чекор пред сите, уште минатата недела се отворени за граѓани на ЕУ, без корона-тестови и без карантин сè уште нема туристи. За влез во земјата е доволна потврда од хотел за резервација. Луѓе кои имаат вила или брод во Хрватска, или пак лица кои се дојдени за бизнис, смеат да влезат во земјата.

За да се избегне застој по границите, Хрватска креира апликација за мобилен телефон наменета за туристите.

Не само туристичките региони, туку и туристичките агенции одвај чекаат Европа да се отвори повторно за туризам. Не е ни чудо: само во изминатите три месеци претрпеа загуби од милијарди евра. Ако пропадне и летната сезона, на целата бранша ѝ се заканува целосен колапс.

Сепак, за сите оние кои сакаат да патуваат надвор од државата, како што веќе информиравме, патничкото осигурување ова лето не покрива лекување од ковид-19. Причина за тоа е прогласената пандемија на болеста, а во такви ситуации, ни до сега, ниту пак сега, патничкото осигурување не го покрива лекувањето.
И Рената Пињо од „Јута“ посочи дека ниту една осигурителна компанија не обезбедува патничко здравствено осигурување што би опфаќало лекување на пациенти со коронавирус.

-Да бидеме реални, имаме и аранжмани што нашите туристи ги купуваат поевтино, за 300 или 400 евра. Како може таков патник да обезбеди неколку илјади евра за третман на ковид? Најважно е да научите да живеете со вирусот, да одржувате физичко растојание и да одржувате хигиена на рацете.

Важно е, додава, туристите да знаат дека стандардната полиса за осигурување опфаќа целосна грижа сè до моментот кога се дијагностицира дека имате коронавирус, дури и тестирањето што би се извршило на лице место и ако тестот е позитивен, останува да се утврди дали тоа лице „ќе биде депортирано во карантин во својата земја или ќе остане во карантин, најверојатно, во државата во која се наоѓа“.