Јавниот долг на Албанија годинава ќе достигне 82,4 отсто од БДП

21

Албанската Влада се одлучи за зголемување на јавниот долг оваа година на 82,4 отсто од Бруто домашниот производ (БДП), со што се зголемува буџетскиот дефицит на ниво од 120,5 милијарди леки (околу милијарда евра) од 108 милијарди лека колку што планираше на почетокот на годината.

Владата ја зголеми годишната мерка за дефицит, кршејќи го фискалното правило утврдено во Законот за буџет во 2016 година, што не дозволува нов долг за една година да биде повеќе од два отсто од БДП. Со последните измени, буџетскиот дефицит достигнува 7,1 отсто за оваа година, наспроти 6,5 отсто од БДП утврден во првичниот закон за буџет за 2021 година.

Вклучувањето на фискалното правило (дефицит два отсто од БДП) во Законот за управување со буџетот пред пет години, го исполни бараниот стандард Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија, но сега тој се прекршува.

-Почитувајќи ја оваа стапка, според планирањето на Министерството за финансии во макроекономската рамка 2017, јавниот долг на земјата да падне под 60 отсто во 2020 година, за да во 2021 година стигне на 45 отсто од БДП. Намалувањето на долгот требаше да ги релаксира албанските влади од негативните ефекти од неочекувани кризи, а од друга страна да создаде можности за реализација на стабилни инвестиции, наведува агенцијата Балкан веб.

Мисија на ММФ што ја посети земјата на почетокот на јуни ја „критикуваше“ владата дека буџетскиот дефицит од 108 милијарди лека планирани на почетокот на 2021 година е висок и според нив 65 милијарди леки, околу 3,8 отсто од БДП, би била доволно земјата да се справи со последиците од пандемијата и катастрофалниот земјотресот, што земјата ја погоди на крајот од ноември 2019 година.