Јавниот долг годинава ќе изеде повеќе од половина од бруто-домашниот производ

Фискалната стратегија за периодот од 2020 до 2022 година открива дека државата во наредниот период уште ќе се задолжува, но вкупниот јавен долг не треба да ја надмине критичната граница од 60 проценти од БДП. Според проекциите, од 48,5 проценти од БДП лани, јавниот долг годинава треба да скокне на 51,7 проценти во однос на БДП

129

Јавниот долг на државата на крајот на 2018 година изнесува 5,2 милијарди евра и претставува 48,5 отсто во однос на БДП, додека  државниот долг во истиот период надминува 4,34 милијарди евра, односно 40,5 отсто од БДП.

Ова е наведено во Годишниот извештај за управување со јавниот долг на државата за 2018 година што го усвои Владата на седницата во вторникот и треба да го достави до Собранието.

– Јавниот долг на Република Северна Македонија на крајот на 2018 година изнесува 5.202,2 милиони евра што претставува 48,5 отсто во однос на БДП. Државниот долг на Република Северна Македонија на крајот на 2018 година изнесува 4.344,4 милиони евра односно 40,5 отсто во однос на БДП. Со ова ниво на државен долг, Република Северна Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој на крајот на 2018 година изнесува 80,8 отсто, се наведува во соопштението од владината прес-служба и појаснува дека Годишниот извештај за управувањето со јавниот долг има за цел поблиску и на редовна основа да ги информира Владата и Собранието и да ја запознае јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на државата, како и со преземените мерки за негово ефикасно управување во текот на минатата година.

Според податоците објавени на веб-страницата на Министерството за финансии во првиот квартал од оваа година јавниот долг во кој е вклучен и државниот долг, во однос на крајот на минатата година се намалил на 5,2 милијарди евра, односно на 46,1 процент од БДП. Државниот долг, пак, кој ги опфаќа обврските на централната влада, јавните фондови и општините, е исто така намален и тоа на 38,2 процента од БДП.

Сепак, ново задолжување во странство од 420 милиони долари се случи во вториот квартал, поточно овој месец. Се работи за нов заем од Светска банка, кој ќе се троши четири години. Според доскорешниот министер за финансии Драган Тевдовски, кој го потпиша договорот, каматата е ниска и се движи околу еден процент.

Фискалната стратегија за периодот од 2020 до 2022 година открива дека државата во наредниот период уште ќе се задолжува, но вкупниот јавен долг нема да ја надмине критичната граница од 60 процентни од БДП. Следната година максималната сума на задолжување е лимитирана на 400 милиони евра, со тоа што гарантираниот долг на јавните претпријатија не би требало да надмине 250 милиони евра.

– Во периодот 2019 – 2021 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг и се утврдува лимит за максимално нето-задолжување по основ на гарантиран долг во 2020 година до 250 милиони евра, стои во Фискалната стратегија во која се нотира и дека дел од позајмените пари оваа година ќе се користат за враќање долгови кои доспеваат во првата половина на наредната.

Според планот на задолженост во Фискалната стратегија, оваа година треба да се заврши со државен долг од 42,2 процента и јавен од 51,7 проценти од БДП. За следната година е проектирано намалување на државниот долг на 41,9 и зголемување на јавниот долг на 52,3 процента од БДП. За наредните две години е предвидено задолженоста на државата да опаѓа и тоа во 2021 година на 39,8 и 50,8 процента, а во 2022 година на 39 и 49,1 отсто од БДП.

Според стратегијата, од оваа до 2022 година треба да се вратат 2,3 милијарди евра главнина на долг на централна власт и гарантиран долг. Од таа сума во 2020 и 2021 година ќе треба да се отплатат околу 835 милиони евра во кои влегуваат заем од Светска банка земен во 2013 година, еврообврзницата од 2014 година вредна 500 милиони евра и остаток од 180 милиони евра од еврообврзницата од 2015 година.

Ако се анализира статистиката на Народната банка во последнава деценија јавниот долг имал најниско ниво во 2008 година од само 23 проценти од БДП, како резултат на предвремена отплата на некои обврски. Во истиот период јавниот долг беше највисок во 2016 година кога скокна до 48,8 проценти од бруто-домашниот производ.

(С.В.)