Јавна расправа за измените на Законот за употреба на македонскиот јазик, дадени првите забелешки 

118

Отворање нови лекторати во странство, вработување лектори во јавните институции, формирање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција, електронски корпус на сите научни истражувања од македонистиката, се меѓу одредбите во Предлогот за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик за кој денеска се одржа јавна расправа.

Проф. Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, кој е предлагач на измените, изјави дека две години работеле на создавање на, како што рече, практично нов закон за доусовршување на македонскиот јазик, кој треба да го замени постојниот од 1998 година.

„Стандардниот јазик е огледало, столб на државата и неа ја претставува. Нам ни претстојат и евроатлантски интеграции и ние мора да излеземе како сите европски држави со еден чист, убав, солиден, издржан стандарден јазик. Се надевам дека ќе создадеме закон кој ќе ги обедини сите, не само Македонците, туку и сите што живеат во оваа држава и на кои македонскиот им е мајчин, зашто во оваа смисла македонскиот јазик е и обединувачки“, рече Спасов. Додаде дека не е во спротивност, туку е во соработка со Законот за јазиците и, како што рече, не се негираат еден со друг. „Ова е заедничка држава на сите луѓе со сите мајчини јазици, меѓутоа македонскиот е најголемиот јазик и државниот јазик, особено во комуникацијата со странство, е обедоинувачки“, истакна Спасов.

Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик (ИМЈ) „Крсте Мисирков“, кој беше домаќин на расправата, нагласи дека покрај вработувањето лектори, особено е важно изучувањето на македонскиот јазик на сите факултети, независно од студиите. Сугестија на ИМЈ е да постои тело за стандардизација што ќе ги решава јазичните дилеми, пред сѐ на лекторите. „Да имаме некое такво тело кое за зборовите што се нови и влегуваат во јазикот ќе може да каже дали се во духот на јазикот и да препорача дали да се употребуваат. Нешто што некогаш го правеше Благоја Корубин“, рече Јованова-Грујовска.

Искра Пановска од Филолошкиот факултет смета дека треба да се озакони и усната комуникација односно правилниот изговор и да има обуки за сите што имаат јавни настапи – новинари и водители, како и испит за правоговор особено ако медиумот има национална концесија. Пановска, која е претседател на Комисијата за полагање лекторски испит, смета дека за лекторската лиценца треба да се плаќа, со што на испитот ќе му се даде поголема тежина и кандидатите ќе доаѓаат поподготвени зашто нешто ќе ги обврзува да го положат.

Директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик Весна Мојсова-Чепишевска рече дека не се согласува со многу работи во текстот. Реагираше на одредбата да се формира одбор за лекторати што ќе има 13 членови, за кој рече дека ќе биде нефункционално, гломазно и скапо тело. „Најголем дел од работите за тој одбор се препишани од постојниот Правилник на Семинарот за македонски јазик. Значи, вие, со овој одбор за лекторати правите упад во автономијата на Универзитетот“, рече Мојсова-Чепишевска, додавајќи дека попрво треба да се работи на олеснување на процедурите и поголема координација меѓу надлежните министерства кога треба да се распише конкурс за праќање лектор на странски универзитет. Поминуваат по седум месеци, рече таа, од поднесување барање до добивање дозвола да се распише конкурс.

„Тоа нема да го направите со одбор и со толку големи пари што се фрлаат за тој одбор. Тринаесет члена во тој одбор се цело одделение. Тоа се лектори што ни требаат“, додаде претседателката на Меѓународниот семинар за македонски јазик кој работи во состав на УКИМ.

Според проф. Славица Велева, потребно е да се уреди статусот и финансирањето на лекторите што работат во странство. „Лекторот мора да се врзе со стабилни финансии. Не може лекторот да ни биде авантурист или некој што сопствените средства ќе ги вложи и ќе предава македонски јазик“, рече Велева.

Во излагањата имаше забелешки и за недоречености во текстот, неусогласеност со Уставот и со други закони, пред сѐ со Законот за јазици кој, како што смета Гоце Цветановски, во некои ситуации ќе го стави овој закон во подредена положба. Тој смета и дека не се предвидени финансиските импликации за проектите што се планираат, меѓу кои и за основањето инспекторат.

Учесниците апелираа да не се брза со измените и можноста за забелешки да не заврши со денешната јавна расправа затоа што материјата е суптилна и новиот закон треба да го замени веќе застарениот и проблематичен во примената.