Јавната администрација во штрајк, најавени кривични пријави за работодавците што го попречуваат

Ако штрајкот не вроди со плод, ССМ ќе бара оставки. Претседателот Дарко Димовски вели дека ќе се направи проценка дали ќе се бара оставка од министер, од Владата, од локалната управа. Додава дека некои работодавци веќе ги зголемуваат платите како, на пример, во Град Скопје, во Куманово, во Битола и се надева дека и другите функционери кои се вршители на јавни функции или директори ќе се охрабрат и ќе го направат тоа

396

Со 120 празни столчиња на улицата пред Собранието, Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ги повика пратениците јавно да го поддржат амандманот преку кој со ребалансот на буџетот би се обезбедиле пари за покачување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари, за колку што во март годинава се зголеми минималната плата.

Вработените во јавната администрација уште од полноќ се во штрајк за ова покачување, како и за тоа од наредната година да добиваат К-15 во висина од 30 до 100 проценти од основицата. Штрајкот го почна ноќната смена во јавните институции и комуналните претпријатија каде што ја има, на пример на паркинзите.

Штрајкуваат вработените во управата, правосудството, Армијата, полицијата, здравството, образованието, културата, општините, комуналните претпријатија… Според сценариото на ССМ, се штрајкува на работните места, а само 10 проценти од вработените ги извршуваат итните работи и активностите што се потребни за да не се загрозат здравјето и животот на граѓаните. Во периодот од 10 до 11 часот, оние кои штрајкуваат излегуваат пред работните простории јавно манифестирајќи го незадоволството од односот на Владата и пратениците кои не преземаат ништо за да им ги зголемат платите.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, вели дека штрајкувачите денеска, на првиот ден од штрајкот биле изложени на притисоци од работодавците за да го прекинат. Биле пријавени притисоци во два града.

– Ни велат дека ќе ни скратат дневници ако штрајкуваме. Нема што да ни скратат повеќе, верувајте ми. Од кои плати ќе ни скратат?! Од тие што не може да си ги прехраниме семејствата? Сите кои вршат притисоци врз работниците и штрајкувачите ќе бидат објавени јавно и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави согласно со Законот за работни односи – изјави тој и додаде дека се штрајкува секаде низ државата.

Димовски вели дека штрајкот ќе продолжи сè додека не се исполнат барањата, зашто платите што ги примаат вработените во јавниот сектор не се достојни и не се доволни во услови кога секојдневно се соочуваме со ценовни шокови, растечка инфлација и најава дека од наредниот месец ќе се зголеми цената на струјата за 10 проценти.

– Јас се прашувам како ќе можеме да ги амортизираме овие удари по џебот на работниците и нивните фамилии ако не го добиеме ова солидарно зголемување. Зголемувањето на платите од 2.806 денари е нужна потреба што треба да се случи – вели првиот синдикалец.

Тој појаснува дека ако штрајкот не вроди со плод, ССМ ќе бара оставки.

– Дали тоа ќе биде од градоначалник, од министер, од Владата, од локалната управа, тоа ќе биде наша проценка. Еве веќе ги покачуваат платите. Град Скопје ги покачи, сега ги зголемуваат платите и во Куманово, преговараме и во другите градови, на пример во Битола. Јас верувам дека и другите функционери кои се вршители на јавни функции или директори ќе се охрабрат и ќе го прифатат ова наше барање – рече Димовски.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека институциите ќе ги даваат услугите кон граѓаните и ќе бидат функционални за време на штрајкот, зашто, како што вели, администрацијата е и платена за тоа да дава услуги.

– Во Министерството за труд и социјална политика утрово никој не пријавил дека штрајкува – рече Тренчевска и дополни дека институциите за социјална и детска заштита функционираат нормално, а онаму каде што ќе има работници кои штрајкуваат, ќе биде обезбедено непречено функционирање на институциите.

Нагласи дека решавањето на проблемите со платите е приоритет, а ад хок решенијата, како што укажа, не носат добри резултати, ниту трајни решенија, што било посочено и на состанокот со ССМ, кој се одржа ден пред штрајкот.

– Владата покажува политичка волја, подготвеност да најдеме решение и повикуваме да продолжиме со социјалниот дијалог за да дојдеме до решение кое ќе го реши проблемот на вработените во јавниот сектор – изјави Тренчевска.

Според неа, треба да се најде системското решение, а тоа е нова методологија која ќе биде вклучена во Општиот колективен договор.

Однапред утврденото сценарио за утре предвидува додека административците штрајкуваат на работните места, претставниците на ССМ да протестираат пред Владата, каде што ќе постават 21 столче, за секој министер по едно. За в петок е најавен протест на платото пред Министерството за финансии, каде што ќе му се испорачаат барањата на министерот Фатмир Бесими.

(С.В.)