Иницијативата да се остане дома за светот да се заштити од ширење на коронавирусот ја започна актерот Кевин Бејкон и таа веднаш е прифатена, без резерва

Светот стана затворена кутија. Пандемијата на коронавирусот внесе страв и загриженост кај светски популарните личности. Но, сепак, имајќи го предвид влијанието што го имаат во јавноста, многумина од нив се приклучија на кампањата на социјалните медиуми позната како “Остани дома” и на тој начин ги охрабруваат сите да бидат дома и да практикуваат социјално дистанцирање. Светски славните личности велат дека многу работи се случуваат во светот и дека во моментов нивна заедничка мисија е да шират љубов. Иницијативата да се остане дома за да се сопре ширењето на коронавирусот ја започна актерот Кевин Бејкон и таа без резерва веднаш беше прифатена.

Дистанца како самозаштита

Во својот пост на една социјална мрежа Бејкон ги означи познатите личности, меѓу кои Кевин Харт, Елтон Џон, Дејвид Бекам да учествуваат во неговата иницијатива. Бекам подоцна сподели своја фотографија на Инстаграм од дома со црвен знак и напиша „Ќе седам дома за Викторија и моите деца.“

Светски познатиот модел Наоми Кемпбел деновиве се возеше во авион облечена во заштитно одело, хируршка маска и ракавици. Таа има изразен  страв од бактерии и постојано темелно чисти околу себе. Вели дека се капе во солена вода во која става и неколку лажици оцет.

Во нејзин стил Ева Лонгорија ги споменува нејзиниот сопруг и синот Пепе. Насловот на нејзиниот пост на социјални медиуми гласи: “Остани дома! Тоа е најмалку што можеме да направиме за да му ставиме СТОП на ширењето на овој вирус. Останувам дома затоа што тоа е толку лесно жртвување, а можам да го направам тоа за моите соседи, за земјата, за СВЕТОТ. Останувам дома за моето слатко бебе Санти. И за мојот убав сопруг Пепе…“.

Моделот Бела Хадид неодамна при патување со авион стави маска на лицето.

Актерката Гвинет Палтроу направи селфи кога носеше маска за време на едно патување во Париз и на својот Инстаграм профил порача да се мијат рацете редовно и луѓето да не се ракуваат.

Елтон Џон сподели фотографија во која вели дека ќе остане дома заради својот сопруг и за децата.

И  британската кралицата Елизабета одлучи да престане да се ракува, а доказ за тоа се фотографиите од неодамнешната средба со претставници на Шри Ланка. Tаа нема контакт со раце додека трае пандемијата со коронавирусот.

На корона не се имуни ни славните

Популарната холивудска двојка Том Хенкс и Рита Вилсон на 11 март објави дека биле заразени од коронавирусот и дека сега се сместени во карантин во болницата Голд Коуст во Австралија. Сега велат дека се добро.

Олга Куриленко, француската актерка, која игра во филмот „Бонд“, Quantun of Solance, на 15 март објави дека се тестирала и дека е позитивна за коронавирусот.

Британскиот актер и музичар Идрис Елба на 16 март во видеото објавено на Твитер, потврди дека е носител на вирусот иако немал никакви симптоми. Тој се самоизолирал.

Актерот Кристофер Хивју од познатата серија „Игра на тронови“, кој ја имаше улогата на Тортмунд, е позитивен на коронавирусот, беше објавено на 17 март. Познат е по огнената црвена коса и брада, тој и семејството биле во самоизолација, дома во Норвешка.

Ману Дибанго, 86-годишната џез-ѕвезда, беше примен во француска болница откако беше утврден присуство на коронавирус, се вели на неговата официјална страница на Фејсбук. Таму стои дека тој “одмора и мирно се опоравува” .

Даниел Дае Ким, јужнокорејско-американски актер, најпознат по телевизиската серија „Хаваи 5-0“, изјави во четвртокот дека се тестирал и дека е позитивен на коронавирусот. Ким, зборуваше од својот дом на Хаваи и веста ја објави во видео на Инстаграм.

(Подготви:Л.Г.Д)