Ѓукановиќ: Отворен Балкан е политички маркетинг

164

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ денеска, коментирајќи ја иницијативата Отворен Балкан, порача дека им се придружува на оние „кои мислат дека станува збор за политички маркетинг, а не сериозна идеја“.

Ѓукановиќ оцени дека идејата не била конзистентно формулирана од самиот почеток, ниту пак била понудена на сите земји од регионот од самиот почеток, а проблемот, според него, е кредибилитетот на одделни автори.

– Им се придружувам на оние кои мислат дека ова попрво е политички маркетинг, отколку сериозна идеја, рече Ѓукановиќ на Балканскиот интеграциски форум во Подгорица, пренесува Вијести.

Тој додаде дека забележува дека оваа структура на Европската комисија е многу повеќе наклонета кон регионот од претходната и дека испратила многу охрабрувачки пораки.

Од друга страна, како што рече, биле испратени многу различни пораки од важни адреси, што создава конфузија кога станува збор за евроинтеграциите.

Ѓукановиќ изјави и дека пораките за некое одложено членство, за некое друго партнерство со земјите од Западен Балкан го прават неспокоен.

– Проблемот на Западен Балкан е нестабилноста, поради долгото заостанување во економскиот развој. Нетолеранцијата полесно се развива во сиромаштија, што доведува до геноцид, рече тој.