Македонскиот поп-пејач Ѓорѓи Крстевски, нагалено Ѓоле, е голем љубител на долгото, топло лето, на водата, морска или езерска. Овој пат тој си е дома што е логичен, но и умен избор во оваа ситуација со коронавирусот.

Секако дека е во Охрид во македонскиот Ерусалим, бисер балкански, од каде праќа и своја преубава фотографија во раскошно летно издание. Зад него се охридските кајчиња, а дали тука некаде е и славната Лихнида, останува да дознаеме.

Позата му е карактеристично шмекерска во стилот на охридските галеби, оние на две нозе, познати како заводници на осамените женски срца кои покрај езерските мирни води бараат друштво на згодни и духовити мажи.

Плус ако се погоди дека тој е романтичен и дека знае да пее, тоа е полн погодок за раѓање на нови музички хитови, во случајот од музичката работилница на Ѓорѓи. Премиерата на песните се очекува ако не во текот на топлите денови, тогаш на почетокот на раната есен која исто така знае да биде топла, по вкусот на овој наш омилен пејач кантавтор.    Д.М.