Ѓорѓиев: За Гоце Делчев сум умерен оптимист со задршка

330

Доколку има конструктивен и позитивен пристап без навлегување во чувствителни теми, ќе има решение. Ние ќе разговараме и затоа и има средби, а што ќе биде ќе видиме“, изјави вчера за весникот „Вечер“ Драги Ѓорѓиев, координатор на македонската група во бугарско-македонската комисија за историски и образовни прашања. Тој вчера потврди дека нема да се одржи дополнителна средба кон крајот на август иако имаше такво барање од страна на бугарскиот претседавач на Комисијата Ангел Димитров

„Дали ќе има усогласување по прашањето за Гоце Делчев меѓу македонската и бугарската страна ќе зависи од тоа колку сакаме да ги надминеме различните ставови кои постојат и ги засегаат и двете страни. Јас сум умерен оптимист со задршка. Доколку има конструктивен и позитивен пристап без навлегување во чувствителни теми, ќе има решение. Ние ќе разговараме и затоа и има средби, а што ќе биде ќе видиме“, изјави вчера за весникот „Вечер“, Драги Ѓорѓиев, координатор на македонската група во бугарско-македонската комисија за историски и образовни прашања.

Тој вчера потврди дека нема да се одржи дополнителна средба кон крајот на август иако имаше такво барање од страна на бугарскиот претседавач на Комисијата, Ангел Димитров, со образложение „да се олеснат работите во септември“. Повикот за средба во август дојде само еден ден откако бугарскиот премиер Бојко Борисов побара од заедничката комисија поинтензивни состаноци за до октомври да најдат компромис за Гоце Делчев. Ѓорѓиев пак, додава дека уште во јуни во Скопје тој одбил да се одржи средба и во август, и дека комисијата ќе се сретне на 12 и 13 септември во Бугарија.

Инаку, последната средба на мешовитата комисија се одржа во јуни во Скопје, на која беа усвоени препораките до двете влади за периодот на антиката, за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем. Тогаш Ѓоргиев посочи дека забелешките ќе бидат доставени до двете влади кои понатаму треба да постапат согласно процедурите.

На средбата во Скопје беа разгледани и учебниците од истите одделенија кои се однесуваат на средновековниот период.

„Во наредните два месеца ќе биде разменета првата драфт верзија за средновековниот период и се надеваме дека на следната средба во септември ќе успееме да ги усвоиме препораките и за средниот век“, истакна тогаш Ѓоргиев.

Забелешките на бугарската страна беа за тоа дека во македонските учебници е напишано дека апостолот Павле формирал македонска црква, додека македонските, дека под терминот бугарски земји се посочува и македонската, која е надвор од рамките на бугарската средновековна држава.

Двајцата претседавачи исто така напоменаа дека експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Гоце Делчев само за одредени работи, но дека за одредени, нивните ставови се разидувале.

Сепак, не беа изнесени деталите за какви се несогласувања се работи, но беше кажано дека се работи за процес кој ќе трае и дека има простор за договор.

Пендаровски:Се надевам ќе превладее разумот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски деновиве во интервјуто за “Гласот на Америка“ кажа дека историската македонско-бугарска комисија составена од историчари нема прогрес затоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап.

„На последната средба која ја имав со премиерот Борисов во Скопје јасно му дадов знаење дека таа комисија не смее да има краен рок. Не можете за две недели или за два месеца да решите два века“, истакна Пендаровски, кој додаде дека се надева дека тука ќе преовладее разумот.

Тој исто така додаде дека не мисли дека Бугарија ќе нè блокира за патот кон ЕУ.